07 Мај, 2024
0.0148

ДОСИЕ: Авионски несреќи во Македонија

Објавено во: 06 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Хронологијата на воздухопловните несреќи во Македонија покажува дека вакви несреќи во земјата имало десетина почнувајќи од 1951 година па наваму. Во повеќето од нив имало жртви.

Првата авионска несреќа во Македонија од цивилен карактер, според хроничарите на македонското воздухопловство, се случила на 22 октомври 1951 година. Авионот на ЈАТ,  кој полетал од Белград се урнал на аеродромот во Скопје, при што загинале 12 луѓе.

На 22 септември 1975 година авион од типот Antonov 2R при слетување на скопскиот аеродром се судрил со Antonov.

На 24 јули 1992 карго авион Antonov 12 BK на Volga - Dnepar Airlines се урна на 26 километри југоисточно од Скопје, за време на приближување кон аеродромот. Авионот удри во планина близу селото Лисец. Во оваа несреќа загинаа осум луѓе.

На 5 март 1993 година, на полетување од скопскиот аеродром, се урна патнички авион ФОКЕР 100 на компанијата Палер Македонија со 97 патници, а во несреќата загинаа 86 патници.

Осум месеци подоцна, на 22 ноември истата година кај охридскиот аеродром, се случи и втората воздухопловна несреќа. Патнички авион „Јак-42Д“ на Авиоимпекс се урна и однесе во смрт 115 луѓе, а  само еден преживеа. Авионот беше на рута од Женева до Скопје каде што требаше да слета.

На 18 септември 1995 авион Antonov 2R кој беше ангажиран во гасење пожари се урна во близина на Скопје. Загинаа два члена на екипажот.

На 17 март 2001 година, во текот на воениот конфликт во Македонија, воен хеликоптер МИ-17 удри во бетонски столб на Попова Шапка. Загинаа пилотот и инженерот, а десетина војници беа повреди.

На 12 јануари 2008 година хеликоптер на АРМ се урна кај месноста катлановско Блаце. Притоа загинаа 11 мировници на АРМ кои се враќаа од мисијата „Алтеа“ во БиХ.

На 28 август 2008 година, авион од типот Цесна се урна во месноста Скребатно кај с. Лескоец, во близина на Охрид. Во несреќата загина пилотот и тројца патници во авионот.

ВО АВИОНСКА НЕСРЕЌА ВО БИХ ЗАГИНА И ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ

Во авионска несреќа надвор од Македонија, на 26 февруари 2004, во близина на  градот Мостар во БИХ, загинаа македонскиот претседателот Борис Трајковски, шест негови соработници и двајцата пилоти на владиниот „Кингер“.

НАЈНОВАТА НЕСРЕЌА Е ВО БЛИЗИНА  НА ВЕЛЕС

Денеска во 17.40 часот приватен комерцијален авион од Тревизо, Италија, со германски регистарски ознаки, се изгубил од радарот на скопскиот аеродром. Најден е во пламен кај селото Ветерско, велешко и се чекаат официјални информации за тоа дали има жртви во несреќата.