16 Јануари, 2022
0.0108

Фискален совет во Македонија, бара опозицијата

Објавено во: 12 Октомври, 2014

Опозицискиот СДСМ бара во државата да се формира Фискален совет, особено по последните оценки во Извештајот на Европската комисија, во кој се изразува загриженост за нивото на јавниот долг во Македонија и неговата долгорочна одржливост. Во Советот би седеле експерти од финансиите, а негова цел би била „да се зголеми фискална одговорност во земјава со независна анализа на фискалната политика и поттикнување стручни расправи за фискалната политика“. Освен ова, СДСМ предлага листа од мерки кои треба да го подобрат транспарентното трошење на државните пари. Меѓу нив е воведување јавно достапна интегрирана интернет-апликација на сите буџетски корисници на која ќе можат да се најдат детални информации за сите склучени јавни набавки и нивните изведувачи, како и обврска власта секој месец да го објавува точниот број на вработените во јавниот сектор, заедно со детални информации за нивната распределба по буџетски корисници. „За подобро информирање на јавноста да се објавува т.н. граѓански буџет во кој на едноставен начин ќе биде прикажано каде точно е планирано да одат парите од државниот буџет“, предлага Драган Тевдовски од СДСМ. Опозициската партија инсистира на унапредување на процесот на носење на буџетот со воведување на т.н. предбуџетска изјава и објавување на сите придружни елементи на буџетот, а бара и два пати годишно да се објавува целосен пресек на буџетските приходи и расходи. За владејачката ВМРО-ДПМНЕ, предлозите на опозицијата се само обид да се креира слика на загриженост за јавниот долг по последните проекции на ММФ и Светска банка дека македонската економија е најдобра во регионот и меѓу најдобрите во Европа со највисоки стапки на раст за 2014 и 2015 година, благодарение токму на економските политики на владата. „Создавањето погрешна слика во јавноста, креирањето сценарио за презадолженост, иако нема основа за тоа, е лошо и за граѓаните и државата. Тоа е лоша слика и кон странство и може негативно да влијае на потенцијалните инвеститори кои сакаат да вложат во земјава. Затоа СДСМ треба да ги преиспита своите постапки кои можат да и наштетат на нашата земја за нивни ситни политички поени“, стои во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија нагласува дека сите расходи и приходи во буџетот на месечна основа се објавуваат на веб страната на Министерството за Финансии, а „СДСМ со ниту еден биланс или извештај не може да оправда на што тие ги потрошија парите“. „СДСМ својот мандат го заврши со долг од 38,6 отсто од БДП. Владата на ВМРО ДПМНЕ ги отплати кредитите кои тие ги земаа и уште ги отплаќаме. И следната година доаѓа за отплата еврообврзницата што СДСМ ја зема во 2005 година. Во времето на ВМРО-ДПМНЕ се гледа на што се трошат парите. Градежништвото е во експанзија, се гради како никогаш досега: три автопати, железничка пруга кон Бугарија, реконструкција на железницата на Кордиор 10, гасификација, клинички центри, училишта, градинки, се набави нова опрема за лабораториите, се исплаќаат субвенции за земјоделците, се исплаќаат стипендии за младите да студираат на најпрестижните универзитети во светот, поголеми плати, пензии“, се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.