01 Ноември, 2024
0.0136

Интервју Стевче Јакимовски: Не ми е битно што прават противниците, оти Карпошовци се мои сојузници!

Објавено во: 22 Март, 2013

Добивај вести на Viber

Стевче Јакимовски е во битка за Карпош, една од најинтересните изборни трки годинава, оти како кандидати, освен Јакимовски има и на двете најголеми партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Тоа не го обесхрабрува актуелниот градоначалник на Карпош, оти, како што вели зад него стојат резултатите на најурбаната општина, и сојузот со Карпошовци. Уверен е во својата победа. пред се поради програмата што ја нуди за наредниот 4 годишпен мандат. ФАКТОР Кој е клучниот проект за иднината на Карпош, со кој очекувате да ги добиете изборите? Јакимовски Планот за приклучување кон дистрибутивната мрежа на гас која што ќе биде воспоставена  на територијата на локалната самоуправа, е нашиот капитален проект.Со гасификацијата ќе решиме низа прашања во сферата на затоплувањето, подигнување на економскиот стандард на граѓаните и енергетската ефикасност. Со гас за греење први ќе бидат снабдени населбите Тафталиџе 1 и Тафталиџе 2 и дел од Козле. Приклучувањето на гасоводната мрежа за граѓаните ќе биде бесплатно, и сето тоа ќе биде покриено од Буџетот на Општина Карпош. Со тоа трошоците за затоплување и за електрична енергија по секоја станбена единица ќе паднат до 50%.  Веќе ги подготвуваме проектите за дистрибутивната мрежа, и сме во постапка за добивање на лиценца. Откако ќе ја добиеме таа лиценца,  веднаш започнуваме со инсталирање на гасоводната мрежа. ФАКТОР Рековте ќе вложувате во урбаните заедници и во граѓаните, што тоа конкретно значи? Јакимовски Карпош ќе прерасне во модерна и урбана општина која ќе биде пример за сите други како во државата, на Балканот и пошироко. Тоа ќе биде општина во која ќе живеат среќни луѓе. Општина со осмислена егзистенција на граѓаните во која има надеж, достоинство, интегритет, хумани вредности, богатства, културни содржини,  етичка мотивација и човечка солидарност во сите сегменти на животот и работата на секој дел од локалната заедница. Мојата изборна програма предвидува два вида проекти: вложувања  во граѓаните и вложувања во урабните заедници. ФАКТОР На кој начин ќе ги реализирате овие проекти? Јакимовски Првата група проекти се однесува на поддршка на вработените, бизнисите , невработените,учениците,наставниците,спортистите, културните работници,пензионерите, социјалните случаи, лицата со посебни потреби. За нив нудиме општинска политика со која ќе се намали товарот на кризата и ќе се понудат поволности за вработување и водење бизнис, особено за младите. Втората група проекти  се вложувања во урбаните заедници, така да во 14 урбани заедници реализираме 280 проекти за разубавување на Карпош,  обнова на сите стари фасади, на подигнување на еколошката и енергетската свест. Сакаме нашите улици да бидат „цветни градини“. И натаму ќе градиме нови улици, нови згради. Ќе ги реконструираме сите фасади долж Партизанска и долж булеварот Теодосиј Гологанов. Исто така ќе ги обновиме фасадите на воените кули, на романските и руските згради. ФАКТОР Што очекувате во однос на економскиот просперитет на општината? Јакимовски Во Тафталиџе 2 ќе изградиме Културен дом и повеќенаменска спортска сала. Ќе продолжиме со реконструкција на детските градинки, а  во Злокуќани ќе направиме и спортски центар, ергела, и низа други објекти. Ќе ги привлечеме сите инвеститори кои ќе вложат во економскиот просперитет и развој на нашата општина. На  младите до 29 години, што ќе отворат сопствен бизнис ќе ги ослободиме од одделни давачки, фирмарини и сл. доколку вработат 70% од граѓаните на Карпош во нивните фирми. Карпош е со најнизок степен на невработеност (16%), но тоа не е доволно. Треба да се отвораат уште работни места, треба да имаме вработени и среќни граѓани. ФАКТОР Очекувате лесна победа? Јакимовски Јас водам позитивистичка кампања, пред се граѓански ориентирана. Според мене само тоа е патот до победата. Народот е заморен од поделби и негативни кампањи полни со плукање и навреди. Се разбира дека ќе победиме, инаку зарем би влегле толку храбро во изборната трка. ФАКТОР Како гледате на Вашите против кандидати, дали тоа што зад себе имате веќе два мандата го сметате за предност? Јакимовски Секако граѓаните точно знаат што се во моите два мандати направи, заедно со нив за Карпош. Мандат зад себе има и Андреј Петров, па точно можат да проценат кој сторил повеќе за Карпош. ФАКТОР Што ќе им порачате на Вашите против кандидати? Јакимовски Сметам дека треба да водиме фер политичка борба со аргументи и со проекти. Да ги спротивставиме своите програми, а граѓаните најдобро можат да оценат кој досега направил за нив и кој може да ги оствари своите ветувања. ФАКТОР На кого гледате како поголем противник, на Петров со кој до неодамна бевте сопартијци или на Куновска? Јакимовски Мене не ми се битни кои ми се противниците, туку кои ми се сојузници. А тоа се граѓаните на Карпош. ФАКТОР Карпош е единствената општина во која нема зонско парирање, дали и доколку добиете трет мандат ќе остане така? Јакимовски Дефинитивно ќе остане така. Ние досега изградивме 2.000 нови паркинг места, а ќе градиме и нови. Во Карпош нема потреба од зонско паркирање кое е дополнителен товар за граѓаните. На неколку клучни места каде паркинзите се „нападнати“ од жителите на Центар ќе воведеме електронски рампи со цел да си го заштитат својот паркин простор и слободно да можат да  паркираат во секое време. ФАКТОР Дали очекувате соработка со централната власт? Јакимовски Постојат правила и закони за начинот на соработка меѓу локалната и централната власт.Согласно законската поставеност на таа соработка и не меѓусебната обусловеност и во иднина таа мора да продолжи, во интерес на граѓаните.Јас ја следам таа регулатива и досега соработував со централната власт секогаш ќе соработувам следејќи ги законските утврдените правила за комуникација меѓу локалната и централната власт. ФАКТОР Какви поволности ќе понудите во однос на легализацијата на дивоградбите, со оглед дека ги има во голем број (пример Бардовци и куќите од "шпанско" село) ? Јакимовски Поволностите кои ќе ги даваме се исклучиво во рамките на законските моности што се нудат со Законот за легализација на бесправно изградените градби ФАКТОР Најавивте бесплатни ужинки и екскурзии, каква е Вашата математика колку тоа финансиски ќе го оптовари општинскиот буџет? Јакимовски Со реконструкцијата на десетте училишта и две градинки, со поставување на термички фасади, промената на прозорците, заштедите на средства кои ќе ги оствариме од трошоците за затоплување и ладење целосно можеме да ги покриеме трошоците за ужинки и екскурзии, така што финансиската конструкција е целосно покриена.