Добивај вести на Viber
Канадската влада, како одговор на засилената активност на Македонија и партнерите од регионот, се реши финансиски да го помогне економскиот форум на кој ќе се презентираат потенцијалите за инвестирање и водење бизнис во Македонија. Во рамките на новиот циклус активности за информирање и привлекување на канадските инвеститори Македонија ќе организира повеќе презентации и тркалезни маси во Отава, Монтреал, Торонто и Виндзор.
Македонскиот Амбасадор Тевдовски на првата презентација на македонските бизнис и инвестициски потенцијали на 26ти февруари во Отава,пред заинтересираните бизнисмени и Македонски иселеници во Канада потсети дека инвестирањето во Македонија значи директен пристап кон слободен пазар од 660 милиони жители.
-Македонската амбасада е посебно задоволна што и канадската влада го дели ставот дека нашиот регион е од значаен интерес за канадските бизнисмени и инвеститори. Подолг период, заедно со турските пријатели и други партнери од регионот, ја нагласуваме оваа реалност, но по успешното Роуд шоу на македонскиот владин тим, одлуката на канадската влада да инвестира внимание и ресурси во нашите инвестициски потенцијали представува нов квалитет во економските релации.“- нагласи Амбасадорот.
Значајниот интерес на повеќе канадски компании од областа на рударството, инфраструктурата и градежништвото за потенцијалите на Република Македонија беше и главна тема на средбата на македонскиот тим со Питер Хејл, главниот економски аналитичар и заменик директор на престижната Агенција за Промоција на Извозот на Канада (ЕДЦ). Презентација на можностите за инвестирање и водење бизнис во Македонија ќе биде организирана и пред Комората на Виндзор, најголемиот центар на автоиндустријата во Канада.
На досега најголемиот економски форум за можностите за инвестирање и развивање бизнис во Југо-источна Европа, финансиски поддржан од Канадското министерство за надворешни работи и меѓународна трговија своја презентација ќе има и директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Висар Фида.