Меркел: ЕУ е доволно силна за да се справи со Брегзит
Објавено во: Свет 24 Јуни, 2016
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека Европската унија е доволно силна за да најде точни одговори по гласањето на Велика Британија за излегување од заедницата.
Меркел коментира дека Германија има посебен интерес и посебна одговорност за успехот на европското единство. Таа рече дека го поканила претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, францускиот претседател, Франсоа Оланд и италијанскиот премиер, Матео Рензо за разговори во Берлин во понеделник пред планираната средба на врвот на ЕУ.
Според неа не треба Европа да носи брзи заклучоци од британскиот референдум, бидејќи тоа може да создаде нови поделби. Меркел изрази длабоко жалење од одлуката на Британците да ја напуштат ЕУ и изјави дека заедницата треба да се стреми кон блиски идни односи со Велика Британија.
Германскиот министер за надворешни работи, Франк-Валтер Штајнмаер рече дека ЕУ не треба да паѓа во хистерија или шок по британскиот референдум.
Брегзит ја стави Европа пред тежок тест, коментира францускиот претседател Франсоа Оланд. Тој категорично одговори дека Франција ќе продолжи да соработува со Британија.