ПОВЕЌЕ ГРАДИНКИ И ПОМАЛКУ ПРЕДРАСУДИ – еве зошто жените помалку работат, од „домашни обврски“ остануваат без стаж
Објавено во: Економија 09 Октомври, 2024
Воведување флексибилно работно време и можности за работа од далечина, што ќе им помогне на жените да ги усогласат семејните и работни обврски. Како и финансиски достапни услуги за грижа за децата, инвестиции во објекти за грижа за деца и дневни центри, заедно со кампањи за промовирање на нивната употреба. Ова се дел од препораките од истражувањето насловено „Како против невидливите но секојдневни предизвици на неактивните жени на пазарот на труд во Северна Македонија?“ изработено од истражувачите на Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Нивната анализа утврдила дека во нашата земја има четири клучни фактори кои придонесуваат жените да бидат помалку активни пазарот на трудот. Тоа се родови стереотипи, ставови за работата, културни норми за грижата за децата и културни норми за домашните обврски.
- Резултатите покажуваат дека жените во Северна Македонија имаат 8,8 отсто до 22,3 проценти поголема веројатност да бидат неактивни, со возраста, образованието и бракот како важни предиктори. Посилните родови стереотипи ја зголемуваат неактивноста, додека позитивните ставови кон работата ја намалуваат. Присуството на деца, исто така, игра важна улога, но не толку како специфичните културни ставови поврзани со нив – се напоменува во истражувањето.
Истакнуваат дека за надминување на состојбите во општеството неопходна е зголемена поддршка за домаќинките и негувателките. Според аналитичарите, потребно е развивање на политики за флексибилно работно време и опции за работа на далечина, што ќе им помогне на жените да ги усогласат своите работни и семејни обврски.
Напоменуваат дека е важно да се обезбедат и финансиски достапни услуги за грижа за децата и да се охрабрат работодавците да спроведат флексибилни работни аранжмани. Потоа потребни се инвестиции во објекти за грижа за деца и дневни центри, заедно со кампањи за промовирање на нивната употреба.
- Поддршката за самохрани мајки, вклучувајќи финансиска помош и можности за стручно усовршување, ќе помогне да се намали влијанието на конзервативните културни норми. Едукативните кампањи за родова еднаквост и за отстранување на вкоренетите родови стереотипи се клучни. Создавање работна култура во компаниите, која промовира родова различност и еднакви можности за напредување, може да ја подобри активноста на жените на пазарот на трудот – напоменуваат аналитичарите.
Меѓу мерките кои можат да придонесат за поголема вклученост на жените на пазарот на труд во Македонија, според економистите е и квалификациите, подобрување на вештините и знањето на неактивните жени. Предлагаат да продолжат политиките на инвестиции во образовни можности, особено во стручно оспособување и високо образование, за да се намалат образовните нееднаквости.
- Поддршката за жени кои примаат социјална помош, особено во маргинализирани заедници, ќе им помогне да ја прекинат спиралата на ниско образование и неактивност. Применувајќи ги овие препораки, Северна Македонија може да се соочи со комплексните предизвици што придонесуваат за неактивноста на жените на пазарот на трудот, создавајќи поправедна работна сила која ќе може активно да учествува во економијата. Образованието се покажа како значаен фактор кој ја намалува веројатноста за неактивност. Жените со повисоко ниво на образование имаат помала веројатност да се откажат од работата заради семејни или други причини. Ова укажува дека образованието обезбедува економска сигурност и поголема слобода за жените да останат активни на пазарот на трудот. Брачната состојба е исто така важен предиктор. Бракот, генерално, ја намалува веројатноста за неактивност, веројатно поради финансиската стабилност што ја носи брачната заедница. Сепак, присуството на деца во домаќинството може да ја зголеми веројатноста за неактивност, иако овој ефект не е секогаш статистички значаен – се напоменува во анализата.
Аналитичарите укажуваат дека иако децата ги зголемуваат обврските во домаќинството, ова не е секогаш доволно силен фактор да ги извади жените од пазарот на трудот, туку зависи од дополнителни околности како поддршка и финансиска сигурност.
Од друга страна нагласуваат дека здравствената состојба е важен фактор, па при лошо здравје се зголемува неактивноста, што, како што и посочуваат аналитичарите, е очекуван резултат, бидејќи болест или инвалидитет се често наведувани причини за повлекување од работната сила.
- Родовите стереотипи, ставовите за работата, и културните норми поврзани со грижата за децата и домашните обврски играат значајна улога во неактивноста на жените на пазарот на трудот. За жените на возраст од 18 до 34 години, негативните ставови кон работата значително предвидуваат неактивност, што укажува на тоа дека младите перцепции за работата влијаат на нивната активност. Во групата од 35 до 49 години, негативните ставови продолжуваат да играат улога, со поголем ефект и почнуваат да се чувствуваат родовите стереотипи, укажувајќи на зголемен притисок. За жените на возраст од 50 до 64 години, ставовите кон работата и традиционалните културни норми значително влијаат на неактивноста. Конзервативните ставови во врска со домашните обврски создаваат значителен притисок, особено поради историјата на транзицијата во Македонија, која оставила многу жени без работа во 90-тите години – се посочува во анализата.
П.О.