Проект на ИКС: Медиумите и граѓаните заедно ќе го бранат јавниот интерес
Објавено во: 24 Септември, 2015
Новиот проект на Институтот за комуникациски студии (ИКС) ќе има за цел да ја подигне свеста на ѓраганите и медиумските професионалци за нивната улога во штитењето на јавниот интерес.
ИКС во соработка со неколку медиуми ќе треба да го поттикнат граѓанското општество и медиумите активно да учествуваат во општествентите случувања и да влијаат на процесот на креирање политики.
Д-р Жанета Трајкоска која е дел од тимот на ИКС смета дека на овој начин ќе се мотивираат граѓаните, новинарите и експретите да учествуваат и да дебатираат на теми од јавен интерес.
„Се чини дека Македонија секогаш е во криза, но ова што во моментов се случува навистина е најпредизвикувачки период. Јавната сфера е целосно узурпирана од политичките елити, а ставовите на граѓаните речиси и да ги нема во јавниот дискурс. Целта на ИКС е со овој проект да креира канали преку кои граѓанското општество активно ќе дебатира, критикува и анализира теми од јавен интерес.” – рече Трајкоска.
Проектот ,,Изразување на јавниот интерес: зголемување на моќта на медиумите и граѓаните во штитењето на јавните политики во Македонија” ќе има неколку компоненти за реализација на неговата цел.
Па така, во рамки на овој проект ќе се прават анализи, дебати и документи за политиките за јавен интерес. На овој начин треба да се обезбеди јасна претстава како граѓаните ги разбираат аспектите на јавниот интерес и на кој начин можат да се вклучат во негова заштита.
Покрај тоа, во рамки на проектот ќе се користи и академскиот блог respublica.edu.mk кој преку сеопфатни дискусии ќе овозможи стратешко учество на медиумите и граѓаните во штитењето на јавните политики. Блогот е бесплатен и сите заинтересирани граѓани на него можат слободно да читаат, споделуваат и објавуваат теми од оваа сфера.
Проектот е поддржан од Британската амбасада, а негови соработници се и веб порталите: Фактор, Нова, Коха, телевизиите Телма и 24 Вести како и весникот Нова Македонија и радио Канал 77.