ШВАЈЦАРСКИ ФРАНК: Зошто порасна и какви ќе бидат влијанијата врз македонската економија!
Објавено во: Финансии 18 Јануари, 2015
Разговараме со Бранимир Јовановиќ, економски истражувач, околу најновите случувања во врска со швајцарскиот франк. Јовановиќ, има објавено неколку труда на темата девизни курсеви.
„Главниот канал преку кој економиите од Источна Европа се погодени (Хрватска, Унгарија, Полска), е преку кредитите во франци. Кај нас овој канал практично не постои, зашто кредитите во франци се многу мали (само околу 1% од средствата на банките се во франци). Може да има одредени ефекти и доколку некои наши трговски партнери бидат погодени, но и ова сега за сега се чини малку извесно. Трет канал преку кој може да има ефекти се дознаките од странство (т.е. парите на печалбарите), зашто, според некои проценки, околу 20% од македонските дознаки од странство доаѓаат од Швајцарија. Скокот на франкот би значел повисоки приливи по овој основ, изразено во денари. Од друга страна, пак, силниот франк може да значи отпуштање од работа на некои наши работници во Швајцарија, заради намалениот извоз, што пак би значело пониски дознаки. Сè на сè, не очекувам некои позначајни ефекти.“ вели Јовановиќ.
Фактор: За почеток, зошто скокна вредноста на франкот пред неколку дена?
Јовановиќ: Франкот скокна затоа што Швајцарската Народна Банка на 15 јануари изненадувачки реши да ја напушти таканаречената политика на минимална вредност на франкот во однос на еврото од 1.20. По ова, банката повеќе не одговараше на зголемената побарувачка за франци со зголемена понуда, што доведе до раст на цената на франкот. Колку беше неочекувана одлуката говори и изјавата на шефицата на Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ), Кристин Лагард, дека е изненадена што не била консултирана во врска со ова.
Фактор: Зошто Швајцарија воопшто реши да го врзе франкот за еврото?
Јовановиќ: Ова беше направено во 2011 година, како последица на растот на вредноста на франкот, заради зголемена побарувачка за него. Поконкретно, заради кризата во евро зоната, Швајцарија доживеа голем прилив на девизи. Ова доведе до тоа франкот значајно да поскапе. На пример, на крајот на 2009 беа потребни околу 1.50 франци за да се купи едно евро. Во август 2011, беа потребни 1.10. Поскапиот франк ги прави швајцарските производи поскапи во странство, што се закануваше да го намали швајцарскиот извоз. Затоа, Швајцарската Народна Банка реши да ја воведе оваа политика со која вредноста на франкот во однос на еврото не можеше да биде пониска од 1.20. Ако има притисоци за ова, т.е. ако побарувачката за франци е поголема од понудата, банката интервенира, продавајќи франци и откупувајќи странски валути. Колку беа изразени овие притисоци се гледа од тоа што швајцарските девизни резерви се зголемија двојно во овој период, од околу 250 милијарди франци на средината на 2011, на околу 500 милијарди франци на крајот на 2014.
Фактор: Зошто сега Швајцарија реши да го направи спротивното од она што го направи во 2011?
Јовановиќ: Не ми е целосно јасно ни мене, затоа што со ова се очекува да претрпат економски штети, заради помалиот извоз. Во кусото соопштение кое Швајцарската Народна Банка го издаде по овој повод се спомнуваат две работи. Првата е дека преценетоста на франкот во однос на другите валути е намалена во однос на 2011, кога беше воведена мерката. Но, ова не може да биде објаснувањето, зашто сега вредноста на франкот ќе се зголеми, т.е. преценетоста ќе биде уште поголема. Втората работа што се спомнува е зголемувањето на вредноста на доларот во однос на еврото од последно време, а следствено и во однос на франкот. Очекуваното натамошно намалување на вредноста на еврото, заради веројатното започнување на квантитативно олеснување од страна на Европската Централна Банка (т.е. купување на државни хартии од вредност), значи натамошен пад на франкот во однос на доларот. Можно е ова да не им одговара на швајцарските комерцијални банки, заради т.н. билансни ефекти, т.е. заради валутно несовпаѓање на средствата и обврските (ако, на пример, обврските се во долари, а средствата во франци). Некои коментираат и дека причината е во преголемиот раст на средствата на Швајцарската Народна Банка. Тие пораснаа двојно во однос на 2011 и сега изнесуваат околу 80% од БДП, што е едно од највисоките нивоаво светот. Сепак, во Хонг Конг средствата на централната банка се околу 140% од БДП, па не гледам дека имаат проблем со тоа.
Фактор: Која е причината за падот на вредноста на еврото во однос на доларот?
Јовановиќ: Главната причина е нискиот економски раст во евро зоната. Евро зоната во последните три годинистагнира,додека САД имаат просечен годишен раст од 2.2%. Нискиот економски раст во евро зоната пак се должи пред сè на погубната политика на штедење, која се спроведува веќе пет години по ред. Разликите во економскиот раст понатаму водат до разлики и во инфлациските притисоци, при пониска очекувана инфлација во евро зоната од онаа во САД. Овие двеработи понатаму водат до дивергентни движења кај монетарната политика во евро зоната и во САД – во евро зоната, очекувањата се во насока на натамошно релаксирање на политиката, во САД, очекувањата се во насока на затегање на политиката. Сето ова води до тоа доларот да поскапува.
Постојат и други причини, како цената на нафтата, која е во слободен пад веќе половина година. Добро е познато дека нафтата и доларот се инверзно поврзани, т.е. дека доларот расте кога нафтата паѓа.
Фактор: Какви влијание може да има скокот на швајцарскиот франк врз македонската економија?
Јовановиќ: Не очекувам да има поголеми ефекти врз македонската економија. Главниот канал преку кој економиите од Источна Европа се погодени (Хрватска, Унгарија, Полска), е преку кредитите во франци. Кај нас овој канал практично не постои, зашто кредитите во франци се многу мали (само околу 1% од средствата на банките се во франци). Може да има одредени ефекти и доколку некои наши трговски партнери бидат погодени, но и ова сега за сега се чини малку извесно. Трет канал преку кој може да има ефекти се дознаките од странство (т.е. парите на печалбарите), зашто, според некои проценки, околу 20% од македонските дознаки од странство доаѓаат од Швајцарија. Скокот на франкот би значел повисоки приливи по овој основ, изразено во денари. Од друга страна, пак, силниот франк може да значи отпуштање од работа на некои наши работници во Швајцарија, заради намалениот извоз, што пак би значело пониски дознаки. Сè на сè, не очекувам некои позначајни ефекти.
Фактор: Како ќе се движат франкот и еврото во наредниот период?
Јовановиќ: Ќе го послушам старото добро правило, никогаш да не прогнозираш движење на девизни курсеви во јавноста, па ќе се воздржам од коментар.
С.Н.
(ставовите изнесени во овој разговор се лични ставови на авторот и не мора да ги одразуваат ставовите на институциите со кои тој е поврзан)