19 Март, 2024
0.0254

САД-Русија: Око за око, заб за заб и за медиумите

Објавено во: Колумни 17 Ноември, 2017

Добивај вести на Viber

Одењето надолу на односите меѓу САД и Русија продолжува. Ако дипломатските „око за око, заб за заб“ можат да се сметаат некаде пред крај, сега се јавува истата игра за медиумите. Со што ќе заврши таквата игра никој не знае.

Се почна со извештаите на FBI околу истрагите на руската вмешаност во кампањата за претседателските избори во САД. Во извештајот на Биротообјавен во јануари годинава се вели: „ Руската државна машина за пропаганда, која ги вклучува во себе и националните медиуми, и средствата за масовна информација со меѓународен аудиториум, такви како RTиSputnik, а исто така и мрежа на провладини тролови, влијаеше на кампањата и беше платформа на Кремљ, со чија помош тој се обраќаше кон кон рускиот и меѓународниот аудиториум. Државните руски медиуми беа неверојатно благи во однос на избраниот претседател Трамп за време на општите избори и прајмеризот, а во исто време на аудиториумот отворено му предлагаа негативни материјали за државниот секретар Клинтон“.

Оттогаш наваму работите само зовриваа за да експлодираат месецов со барање на американското министерство за финансии  RT да се регистрира како странски агент, според американските закони. Доколку RT не се регистрира тогаш може да дојде до затворање на раководителот на компанијата и заплена на нејзините сметки. Сето тоа требаше да се заврши за неколку дена. И RT се регистрираше како што бараше американското Министерство за правда. Но регистрацијата не значи дека RT без последици ќе може да работи во САД.  Американските сенатори во предлог на одбранбениот буџет за наредната година предлагаат на дистрибутерите да им се забрани вклучување во нивните мрежи на руски државни содржини. Има навестувања дека истрагите околу работењето на RТ продолжуваат, а крајна цел е на компанијата да и се забрани работата во САД.

Што значи странски агент во САД?  Станува збор за закон донесен уште во 1938 година за спречување на нацистичката пропаганда. Познат е како ФАРА  (Foreignagentsregistrationact), но подоцна е станат и како инструмент за контрола на лобизмот во државата. Законот ги опфаќа медиумите кои се контролираат, субвенционираат или финансираат од странство. Од медиумите регистрирани според овој закон се бара да даваат информации за изворите на финансирање и составот на раководството. Потоа секои 48 часа да испраќаат до министерството и копии на сите печатени, електронски и видео материјали. А згора на сето тоа сите текстови и емисиии да ги означува со ознака „производ на агент од странска држава“. Некои ова преведуваат како „производ на пропаганда“.

На руски одговор не требаше долго да се чека. Државната дума деновиве донесе дополнувања на закононот со кои како странски агенти ќе треба да се регистрираат и медиумите. Русија предупредуваше дека ќе одговори соодветно на американските чекори. Сега на ред е разгледување на законот во Советот на Федерацијата, а потоа ќе се чека потписот на претседателот Владимир Путин. Се очекува дека се ќе биде завршено до крајот на месецов.

Руското министерство за правда веќе извести неколку потенцијални медиуми дека во  нивната работа гледа „признаци за исполнување на функции на странски агент“. Предупредување добија „Радио Слободна Европа / Радио Слобода (РСЕ/РС)“ и неколку нивни проекти, „Гласот на Америка“ и нивниот заеднички проект „Вистинско време“.Сите тие ќе треба да се регистрираат како странски агенти. Во поглед на рускиот закон, иако се' уште не е донесен, тој сигурно нема многу да се разликува од американскиот. И тие медиуми ќе треба да се потпишуваат како агенти на странска држава, ќе мора да даваат финансиски извештаи, да бидат подложни на проверки...

Какви се рекциите на овие потези на САД и Русија? Главниот уредник на RT Маргарита Симонјан вели дека сето тоа ќе ја направи работата на каналот невозможна. Наместо да се занимава со новинарска работа таа повеќе ќе треба да мисли на барањата на министерството, копии, откривање на лични податоци, ознака „странски агент“... -И сето тоа Американците го прават под видот на грижа за слобода на говорот, вели Симонјан. Според неа во услови на таков притисок од страна на власта и специјалните служби, соработниците на каналот, меѓу кои има и Американци, пред се ќе се определат за безбедноста на семејството, а не за професијата.

Некои експерти од Аtlantic Сouncil  сметат дека тврдењата на RTдека каналот работи исто како и Би-Би-Си, „Доче веле“ или „Гласот на Америка“, бидејќи и тие се финансирани од своите влади се само донекаде точни. Според нив американскиот закон е јасно кажано дека не треба да се регистрираат како агенти од странски влади оние медиуми кои  се непристрасни, точни и со јасна уредувачка политика, со избалансирани ставови во материјалите.  Згора на тоа, велат експертите од Аtlantic Сouncil, принципиелната разлика меѓу горните медиуми е во тоа штоRT има нејасна државна структура, има контрола од страна на државата и финансирање од страна на државата во висина од 99 проценти.

Американскиот сенатор Џон Меккејн изрази незадоволство од законот што го усвои Думата. Тој смета дека нема споредба меѓу RT и радиостаниците „Гласот на Америка“ или „Радио Слободна Европа“. „Бидејќи се заштитници на слободата на говорот во целиот свет САД јасно даваат до знаење дека не може да се изедначува RT и телевизиските мрежи како што се „Гласот на Америка“, „Радио Слободна Европа“,CNN или Би-Би-Си. Новинарите кои работат во тие компании бараат правда, ја разоткриваат лагата и ги повикуваат владите кон одговор“, пишува во соопштението од офисот на сенаторот. Според него „новинарите на RT се пропагандисти, кои ја дезавуираат правдата, распространуваат лага и се обидуваат да ги поткопаат демократските влади...“ Покрај другото во текстот стои и дека САД „заедно со сојузниците во целиот слободен свет треба да го поддржуваат правото на рускиот народ за достап кон медиумите, кои сакаат да им ја кажат вистината“.

Главниот уредник на RT Симонјан веднаш го коментираше соопштението од кабинетот на Меккејн, па на Твитер напиша: „Не го читал Меккејн Орвел и не слушнал дека „сите животни се еднакви, но некои животни се повеќе еднакви од другите“. А ако го читал, тој, секако, ништо не разбрал“.

Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, на вчерашниот брифинг истакна дека руските возвратни мерки се принудни со оглед на тоа што на РТ статусот странски агент и бил наметнат од САД под закана од редица санкции се’ до апсење. Руските парламентарци велат дека станува збор за принудна мерка донесена како одговор на угнетувањето на руските медиуми во странство. Вице спикерот Петар Толстој изјави дека „Никој од нас не сакаше такво решение, и тоа нема да влијае врз слободата на говорот во нашата земја“.

Но така не мислат во Советот на Европа. Комесарот на Советот на Европа за човекови права Нилс Муижниекс изјави дека станува збор за нови ограничувања на слободата на медиумите, кои предизивикуваат жалење. Според него сега руските власти ќе можат да се однесуваат со регистрираните во странство или медиумите кои добиваат финансии од странство како со странски агенти.

За разлика од него, Арлем Дезир, претставникот на ОБСЕ за слобода медиумите  смета дека мерките што ги преземаат САД и Русија за признавање на медиуми како странски агенти се неприфатливи. Во соопштението од неговиот кабинет се вели: „Ги повикувам Соединетите Држави, како и Руската Феерација да ги преразгледаат и да се откажат од барањата кон медиумите за регистрација како „странски агенти“, а исто така и да не преземаат натамошни чекори“.

Како ќе одат работите понатаму? Ескалацијата е неизбежна. Дали постои во светот државен медиум кој не им служи на властите и на политиките на таа држава? Линијата меѓу новинарството и пропагандата е многу тенка, особено кај оние медиуми кои што се под државна капа. Од она што го следам можам да кажам дека и американските државни медиуми и руските, особено веќе споменатите, мошне вешто спроведуваат пропаганда ставена во новинарска обланда. Обланда која некои слатко ќе ја изедат. Не знам дали веќе еднаш напишав. Пред неколку месеци бев во Грузија на еден новинарски собир на медиуми од постсоветското пространство. Некои новинари зборуваа само за руската пропаганда во регионот. На прашањето дали има и западна пропаганда, по долгиот молк, одговорот беше дека има, но таа е помала.

Политиката „око за око, заб за заб“ е само потврда за она што во моментов се случува меѓу Русија и САД, Сега на дневен ред се медиумите. Не дај бог на ред да дојдат и воените игри околу Сирија.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?