350 милиони долари осигурителна штета за урнатиот мост во Балтимор
Објавено во: Свет 02 Мај, 2024
Осигурителната компанија Чаб се подготвува да плати 350 милиони долари на американската сојузна држава Мериленд за уривањето на мостот Френсис Скот Ки во Балтимор во март, објави денеска Wall Street Journal (WSJ).
Весникот наведува дека исплата на компензација се очекува да биде одобрена за неколку недели, објави Ројтерс.
Исплатата од 350 милиони долари би можела да биде прва од многу други поради уривањето на тој мост, а аналитичарите велат дека инцидентот би можел да ги чини осигурителните компании четири милијарди долари, што би било рекордна исплата на отштета во областа на транспортот.
За време на уривањето на мостот во Балтимор, шест лица загинаа кога товарен брод, кој пловел под знамето на Сингапур, удри во едно од столбовите на мостот долг 2,4 километри, поради што се урна целата структура.
Осигурителната компанија Чаб, заедно со државата Мериленд и семејствата на жртвите од несреќата, најверојатно ќе го тужат сопственикот на бродот за да ги надомести загубите поради уривањето на мостот, пишува WSJ.