05 Мај, 2024
0.0237

365 дена Фактор: Мисија исполнета!

Објавено во: Анализа 01 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Минаа првите 365 дена откако минатиот први октомври свечено го скршивме првото шампањско во бротчето кое го нарековме „Фактор“. Изгледаше малку тешка нашата мисија, да пловиме необременети од политиката во новинарскиот жабурник на интернет просторот, да создадеме бизнис портал кој воедно ќе биде и читан и релевантен чинител. Прилично невозможна мисија, ако не сакате да нудите евтин сензационализам од типот „на Сораја и се виде меѓуножјето“. Нашата мисија беше да создадеме класичен новинарски продукт, медиум кој ќе истражува, анализира, критикува, ќе нуди решенија и ќе создава база за развој на новинарството, онака, како што сме го познавале и како што новинарите го учеле со години наназад. Медиум што ќе ги отвори едрата за еснафите од фелата кои сакаат, а немаат каде се искажат, затоа што традиционалните медиуми, се овака или онака „јавнати“. Не се залажувавме дека тоа е лесна задача, и навистина, не беше лесна, но искрени да бидеме, работата да се етаблираме како релевантен чинител на пазарот ни ја олесни токму таа медиумска сцена, во која царува „евтината“ информација, партиската поделеност на наши и ваши, сапуниците како мерило на успешноста, всушност, безидејноста да се направи нешто ново. Затоа денес можеме да кажеме дека овој брод плови во добра насока. Успеавме, обичниот граѓанин да го научиме да чита и клика по економските вести, по анализите, по колумните, напишани на јазик кој е добар и за директорите на банките, и за луѓето од онаа исчезната средна класа. Затоа што на крајот на денот, сите ќе си бркнат во сопствениот џеб и знаат што им останува. Во оваа ера кога економската криза царува, во светот и исто толку силно во земјава, сите сме сами кројачи на сопствената судбина. Затоа е добро да ја имате информацијата, навремено и точно. Фактите се свети, а коментарите слободни, но аргументирани. Остануваме посветени на оваа максима, особено сега кога ги минавме сите опасни теснеци и карпи во кои лесно можевме да го скршиме нашиот чун. Сега сме веќе на отворена вода, мирно море. Пловењето со слободна мисла е најважниот ветер што ќе ги крева едрата, за да бидеме посилни и побрзи! Нека ни е среќен роденден! Александар Манев, Фактор

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад