Аџиите од Катар се добредојдени во Саудиска Арабија
Објавено во: Свет 17 Август, 2017
Без оглед на политичките проблеми кои се заострија Саудискиот крал Салман нареди да се отвори границата со Катар за граѓаните на малата заливска монархија да можат да отидат на аџилак во Мека на крајот од месецот, соопшти Саудиската агенција за печат (СПА), цитирана од француските медиуми.
Суверенот, исто така, нареди во Доха да се испратат саудиски авиони, што „на негова сметка ќе ги превезат сите катарски верници до градот Џеда“, дополни СПА.
Оваа одлука е прв знак на омекнување на дипломатската тензија меѓу кралството и емиратот, а беше објавена откако саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман се сретна со катарскиот емисар шеикот Абдал бин Али ал Тани во Џеда.
Ова беше прва средба на вака високо ниво од прекинот на дипломатските односи, на 5 јуни, меѓу Саудиска Арабија и Катар и затворањето на границите по воздух, вода и копно.