30 Април, 2024
0.1303

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Објавено во: Колумни 08 Април, 2024

Добивај вести на Viber

Во  време кога Русија води војна во Украина на нејзините јужни граници, Задкавказјето, се развива ситуација која може да внесе нова нестабилност во тој дел од светот. Свежи се раните од азербејџанско-ерменските војни, од пропаста на некогашната непризната Република Нагорно Карабах, создадена во годините по распадот на Советскиот Сојуз, каде денес Ерменците се бројат околу илјада. Стотина илјади избегаа во Ерменија попоследната војна, кога за два дена азербејџанските сили ја зазедоа целата територија. Последица од сето тоа е и патот на Ерменија, подалеку од руското влијание, но и се’ она што што може да ја следи на тој пат. Почнувајќи од односите со соседниот Азербејџан, територијалната целосност и  влијанието на традиционалните, историски односи со Русија.

Минатата недела во Брисел се одржа тројна средба на која учествуваа претседателката на ЕК Урсула фон др Лајен, американскиот државен секретар, Ентони Блинкен и ерменскиот премиер, Никол Пашинјан. Видливиот епилог од средбата беа парите кои ЕУ и САД и’ ги ветија на Ерменија.Соединетите АмериканскиДржави ќе доделат 65 милиони долари помош за Ерменија, а Брисел вети 270 милиони евра за 2024-2027 година „со цел да се зајакне новата агенда за партнерство Ерменија-ЕУ“. Европа има намера заедно со САД да ги обединат напорите за да демонстрираат цврста приврзаност кон суверенитетот, демократијата и стабилноста на Ерменија. Според американскиот државен секретар, средбата во Брисел е потврда на трансатлантската поддршка на демократската, просперитетна иднина на ерменскиот народ и поинтегриран и мирен регион на Јужниот Кавказ.

ЕУ и САД ќе и помагаат на Ерменија во политичките реформи, економскиот развој, хуманитарната помош за беглците од Нагорно Карабах. Се разбира и многу други работи, што обично се кажуваат по вакви средби. На пример, проширување на партнерството во трговијата, комуникациите, земјоделството, енергетиката, технологиите, заштитата на правото...Нема ништо, барем 

јавно,за она што најмногу ја боли Ерменија денес. Нејзината безбедност и стабилност. Постојаните погранични инциденти и препукувања со Азербејџан не ја оставаат Ерменија спокојно да размислува за својата иднина. Најавите на Пашинјан лани, дека има намера да склучи мировен договор со Азербејџан и да ги регулира односите со Турција отидоа во етерот, ама нема никаква конкретност.А времето не работи во полза на Ерменија. Секое одлагање на конечното решение нанесува само поголема штета на земјата. Во конфликт меѓу поголем и помал, помалиот треба секогаш да се труди тој да биде решен што побрзо. Во спротивно решението ќе биде многу понеповолно за него. Во историјата на меѓународните односи има мноштво примери за ова. Да го земеме нашиот пример во однос на „разговорите“ со Грција за името на македонската држава. 

АЗЕРБЕЈЏАН НЕЗАДОВОЛЕН

Средбата во Брисел беше помно следена и на истокот.  Во прв ред во Азербејџан, но не помалку и во Русија. Во Азербејџан преговорите во главниот град на Белгија беа наречени скандални. И дека сите нејзини учесници се губитници! Ова од причина што на нив не бил поканет Азербејџан. А на Ерменија и се дава ветер во грбот. Брисел и Вашингтон веројатно знаеле какова ќе биде реакцијата на Баку на ваквата средба, па Блинкен и фон дер Лајен итно му ѕвонеле на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев. Овој на средба со турскиот шеф на делегацијата во ПС на НАТО, поранешниот министер за надворешни работи, Мевљут Чавушоглу беше отворен и кажа дека „ во последниве денови високи функционери и од САД и од ЕУ во телефонските разговори, направени на нивна иницијатива,се обидуваа да не убедат дека таа средба не е насочена против Азербејџан, меѓутоа ние знаеме дека тоа е направено против нас и против соработката на Јужен Кавказ“.И дека таа политика создава линии на делби и изолација на Азербејџан. Во Баку сметаат дека Западот во Брисел ја пропушти шансата да ја докаже својата приврзаност за мир на Јужен Кавказ и јасно да и дадат до знаење на Ерменија дека може да очекува силна поддршка само после потпишување на мировен договор со Азербејџа. Или пак по гласно откажување од територијални претензии, кои се напишани во ерменскиот устав.
Од ова што го зборуваат во Азербејџан, по средбата во Брисел, се добива впечаток, дека Западот  посакува Јужниот Кавказ да го направи арена на нови геополитички вриења. И тоа на јужните граници на Русија, која, пак, во моментов е опседната со исцртување на нејзините западни граници. Се јави и Анкара. Турското министерство за надворешни работи во својата изјава вели дека иницијативата на ЕУ и САД, која што го исклучува Азербејџан „отвора пат кон претворање на Јужен Кавказ во зона на геополитичко соперништво, а не во служба на мирот“. И се додава дека „Важно е трети страни, особено актери надвор од регионот, да се придржуваат до праведен и непристрасен приод и внимателно да одбегнуваат нанесување штета на мировниот процес“.

Од Москва дојде не помалку енергична реакција. Министерството за надворешни работи (МНР) на Русија, во врска со средбата на високо ниво во формат Ерменија-САД-ЕУ, го повика раководството во Ереван да не се залажува и да не ја води земјата по погрешен пат, кој може да резултира со „појава на безбедносен вакуум“, проблеми во економијата и одлив на население. За руското МНР средбата е обид на „колективниот Запад“ да го вовлече Јужен Кавказ во геополитичка конфронтација. Но, желбата да се стави клин меѓу земјите може да резултира со негативни последици за безбедноста и економскиот развој на регионот, да предизвика појава на линии на поделба и да ја зголеми тензијата.

НАДВОРЕШНИ ИГРАЧИ

Москва отиде и подалеку.Според руското Министерство за надворешни работи желбата на Западот е да ја претвори Ерменија во инструмент за реализација на своите планови во Јужен Кавказ. Москва знае дека Вашингтон и Брисел бараат излез на Ерменија од ОДКБ и ЕАЕЗ и повлекување на руската воена база и граничарите од таа земја. Големината на грантот-поддршка што го објавија во Брисел, сметаат ви Москва, не може да се спореди со придобивките од повеќе милијарди долари што Ереван ги добива од Москва во рамките на ЕАЕУ и ЗНД, обезбедувајќи зголемување на трговскиот промет (четирикратно од 2018 година), рекорден економски раст и зголемување на благосостојбата на населението.

Во Москва тврдат дека Западот се обидува да ја уништи основата на ерменско-азербејџанската нормализација - збирот на изјави на лидерите на Русија, Ерменија и Азербејџан од 2020 до 2022 година, кои предвидуваа деблокирање на транспортните и економските врски, делимитација на границата, подготовка на мировен договор и градење доверба. Но под негов притисок, Ерменија го прекинала спроведувањето на договорите, за многу од кои страните беа блиску до решенија. Русија и натаму е подготвена да помогне да се постигне мир меѓу Азербејџан и Ерменија. Па затоа руското МНР ги повика надворешните играчи да ги почитуваат договорите, а ерменските власти при градењето на надворешната политика да ја земат предвид загриженоста на соседните држави.

За односите на Русија со Ерменија и ситуацијата во едно интервју зборуваше и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Според него ситуацијата во Ерменија не влева оптимизам. „Ерменското раководство, искрено кажано, со пресилен изговор, искривувајќи ја историјата во последните три години, намерно води кон колапс на односите со Руската Федерација, до клевета на нашиот воен персонал кој служи во 102-та воена база, нашите граничари и Организацијата на Договорот за колективна безбедност како целина“, рече Лавров. Тој го обвинува ерменскиот премиер за тоа што во најмала рака го саботирал решението за конфликтот со Азербејџан во 2021 година. Па наместо трупи на ОДКБ да бидат во мировна мисија на линијата на конфликтот, Пашинјан повикал мисија од ЕУ без договор со Азербејџан. Денес таа мисија не е на ЕУ, туку мисија на НАТО, бидејќи има мировници од Норвешка, Канада и од САД. Лавров смета дека целта на ерменскиот премиер е излез од ОДКБ и ЕАЕЗ. Тој веќе го замрзна членството на Ерменија во ОДКБ.

Пашинјан е лут на ОДКБ дека не  помогнала при азербејџанската офанзива во 2022 година, иако организацијата , како и НАТО е договорена да помага на своја членка доколку биде нападната. Но тогаш беше нападната Републиката Нагорно Карабах, која се наоѓаше на територијата на Азербејџан. А Пашинјан само неколку месеци пред нападот се откажал од решавањето на статусот на Нагорно Карабах, потпишувајќи во Прага договор со  Илхам Алиев, азербејџанскиот претседател, дека Нагорно Карабах е дел од Азербејџан. По ова на Алиев му беше „отворена“ вратата да си ја врати својата територија во рамките на Азербејџан.  И да се направи етничка чистка на Ерменците од таа територија.

ЕРМЕНИЈА-ЗАПАДЕН АЗЕРБЕЈЏАН

Лавров смета дека она што сега гоправи Ерменија не одговара на интересите на ерменскиот народ и на руските интереси од гледна точка на историски пријателски врски со Ерменците, од гледна точка на огромната ерменска дијаспора што живее во Русија и од гледна точка во погледна стабилностана Јужен Кавказ. „Целта на оние кои сега го привлекуваат ерменското раководство на страната на Западот е едноставна: да се спречи стабилноста на Јужен Кавказ, да се обидат да го претворат овој регион во зона на нивна доминација - исто како што Западот се обидува да го направи тоа. во Централна Азија и во многу други делови од нашиот заеднички континент“, вели Лавров.

Премиерот на Ерменија пред некој месец беше во Франција и таму даде интервју во кое ба засегнати разни прашања, па и односите со Русија, со Азербејџан и членството во ОДКБ. „Членството на Ерменија во Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) е практично замрзнато, бидејќи ниту договорот ниту организацијата не ги исполнуваат своите функции и обврски кон Ереван“, изјави ерменскиот премиер Никол Пашинјан за време на неговата работна посета на Франција во интервју за Франс 24. На прашањето за руската воена база во Ѓумри на територијата на Ерменија, дали премиерот на земјата има намера да ја затвори и да ја повлече Ерменија од ОДКБ, организација во која доминира Москва, во услови на влошување на односите со неа и обвинувања на неактивност пред да се соочи со закана од Азербејџан, тој само одговори:„Знаете дека договорот за колективна безбедност всушност не функционира во однос на Ерменија, како што покажаа настаните од 2021-2022 година. Ова не можеше да помине незабележано од нас. Денес, практично, го замрзнавме нашето учество во ОДКБ“, одговори Пашинјан.

Во октомври 2023 година, откако се развија настаните околу Карабах, според Пашинјан, одреден претставник на Руската Федерација директно го повикал ерменскиот народ да ја собори владата. Премиерот додаде дека оваа идеја во Ерменија била спроведена координирано од руските ТВ канали против владата и него лично.Во исто време, Пашинјан рече дека разговарал со рускиот 

претседател Владимир Путин во декември 2023 година и разменил информации со него. „ Меѓудржавни односи меѓу Ерменија и Русија имаат долга историја на билатерални односи, и тие имаат институционална основа“, нагласи ерменскиот премиер.

Коментирајќи го договорот за купување француски оклопни возила во декември 2023 година и преговорите за купување системи за противвоздушна одбрана, Пашинјан истакна дека Ерменија купува оружје од Франција, бидејќи стравува од тековната милитаризација на Азербејџан во контекст на нерешен граничен конфликт со неа. Ерменскиот премиер додаде дека Баку ја доживува денешна Ерменија како „Западен Азербејџан“ и се подготвува да ја нападне. Целта на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, според Пашинјан, не е склучување мировен договор, заснован на взаемно признавање на територијалниот интегритет, туку стекнување нови територии. Инаку, после развојот на настаните во Нагорно Карабах, Западот веднаш почна да работи на извлекување на Ерменија од орбитата на Русија. Главни Франција и САД. И во двете земји има бројна ерменска дијаспора. Но и во Русија има околу еден милион Ерменци. Во меѓувреме во Ерменија забранија да се користат руските платежникарички „Мир“, до 1 август од еден аеродром треба да се повлечат руски граничари. Некои ТВ-емисии на руски новинари се блокирани, државата добива свои обележја, создава своја разузнаваачка служба, се води антируска пропаганда.

ГУБЕЊЕ СУВЕРЕНИТЕТ

Желбата на Ерменија за „пребег“ кон Западот е јасна. Но тоа не може да биде преку ноќ. Западот дава само насоки. И вели дека не притиска никого за присоединување. Туку дава домашни задачи. Па така за Ерменија домашна задачасе реформите. Во ЕУ не и викаат на Ерменија откажи се од сојузот со Русија или други партнери. Петер Стано од ЕУ, тоа мошне пластично го објаснува. Вели, ако развивате потесни односи со ЕУ, тоа не значи раскинување на односите со другите партнери. „Независно од тоа дали вие  имате во својата земја руски војници, руска Федерална служба за безбедност или каков било друг орган за заштита на правото – тоа е ваше суверено решение. Ние не ви велиме, доколку сакате да добиете од нас повеќе ви следи да се откачите од Русите. ЕУ, не работи така“, вели Стано. Но во сето ова, соработката со Русија, има еден услов, да не противречи на политиката на ЕУ, на пример, „на нашата санкциона политика“, додава тој. Значи доколку Ерменија сака да се приближи кон ЕУ, ќе мора да воведе санкции кон Русија, а подоцна и да ја прилагоди својата надворешна политика кон политиката на ЕУ, па потоа и одбранбената политика. Во меѓувреме генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на недамнешната средба со Пашинјан го пофали за „приврзаноста кон демократијата“ и проширеното учество на ерменски војници во мисијата на НАТО во Косово. А посебно ја поздрави солидарноста на Ерменија со Украина. Сето ова се мали боцки фрлени кон Русија и прашање на време е кога таа конечно ќе ги раскине односите со неа.

Ќе има ли последици за Ерменија заминувањето кон Запад? И до каде ќе стигне? Дали ќе ја тресне вратата при заминувањето? Овде има повеќе одговори. Прво за гаранцијата за безбедност на Ерменија. Во Брисел никој не рече ништо за тоа. Франција, лечејќи комплекси од руската офанзива во Африка, кога нејзините војски мораа да заминат од неколку франкофонски држави блиски до Русија, ќе се обиде да направи се’ само Ерменија да замине подалеку и побрзо од руските прегратки. Но која е гаранцијата дека Азербејџан нема пак да ја нападне Ерменија во отсуство на мировен договор? Сега Азербејџанците се толку осилени, што бараат делимитација на границата,а притоа и неколку села кои сега се на ерменска територија. Пашинјан неодамна ги посети тие села и гиолади луѓето таму, кога има кажа дека со делимитацијата тие населби мора да одат во Азербејџан. Во спротивно вети војна. Но за која не е подготвен. Амбициите на Баку не завршуваат тука. Од таму бараат посебни коридори кон нивната енклава во Ерменија-Нахичеван. И тие коридори, сообраќајот во нив да биде ослободени од ерменска контрола! Фактот дека Ерменија не успеа да го реши прашањето со Нагорно Карабах, и постојано го одлагаше, наместо да се договори со Азербејџан, сега доведува до губење на целосниот суверенитет во сите негови видови. Не само територијалниот.

БЛАГОСОСТОЈБА НА НАСЕЛЕНИЕТО

Многу работи ќе зависат од тоа каков ќе биде односот на Турција, Иран, па и Русија кон „бегството“ на Ерменија со поддршка од Западот. Овие три земји тесно се координираат околу Сирија, па нема да им биде тешко да ги усогласат своите интереси и во поглед на Ерменија, како извор на идна нестабилност на јужниот Кавказ. Тука е и Грузија и зависностаод енергенси од Азербејџан.Ерменија, како и Узбекистан може да се откаже од членството во ОДКБ, но со тоа нема да си ја зголеми безбедноста, повеќе од сега. Таа е членка и на ЕАЕЗ. Благодарение на тоа нејзиниот економски раст последниве години е доста голем. За тоа придонеса и големиот број руски државјани кои дојдоа во Ерменија за да побегнат од воената мобилизација. Нивниот придонес се мери во милијарди долари. Голема економска помош имаат и од милионската ерменска дијаспора во Русија. Сето ова ја зголеми благосостојбата на населението. Од таму доаѓа и стабилноста на власта на Пашинјан. Раскинот со Русија  сигурно ќе се одразии врз неа. Има многу големи руски компании во Ерменија. Прашање е дали тие ќе бидат национализирани. Конечно како ќе се реши прашањето на руската воена база во Ѓумри.

Ерменскиот премиер сега, засега, успешно игра на две столици. И руската и западната. Има полза од таквата игра. Но се чини доаѓа крајна таквото играње. Западот ќе го притиска, а и Русија не помалку. Од Пашинјан ќе зависи до каде ќе стигне со таквата игра. Едно е сигурно, во услови на војна на Западот и Русија во Украина, тојнема да прави нагли потези. Ќе гледа да искористи што повеќе може од заинтересираноста на Русија и на Западот заЕрменија. Конечната одлука сигурно ќе ја донесе по завршувањето на војната во Украина. Се разбира, ако некој не го притисне пред тоа. Но, како и да е ваквата игра на Пашинјан ќе трае сигурно уште неколку години. Под услов што побрзо да ги среди односите со Азербејџан, кој не може да чека во недоглед потпишување на мировниот договор.

Миче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД