Агатангел за грчките свештеници: До Евзони ли се простира нивната љубов и трпение?
Објавено во: Македонија 22 Јануари, 2018
Во писмено соопштение митрополитот повардарски, Агатангел наведува дека ако Христовата порака е втемелена врз радоста и љубовта, тогаш она што се организираше по улиците на Солун и останатите грчки градови од страна на грчкото свештенство е сé само не Евангелието и неговите основни постулати.
„Грчкото свештенство пред очите на целата светска јавност изврши убиство врз својот ближен и со самото тоа си ги подзатвори Портите од Царството Божјо. За каква тоа духовност имаат намера во иднина да проповедаат овие луѓе, до Евзони ли се простира нивната љубов и трпение? Срамно и страшно е да се гледа овој пад, оваа заблуденост и лицемерие“ - вели митрополитот.
Атеистите се покажаа како подобри и потолерантни луѓе од верниците, зашто тие ги врзуваа конците на мирот што беа пресечени од лажните Христови следбеници, наведува митрополитот Агатангел.
На протестот во Солун каде вчера излегоа 90.000 луѓе порачувајќи дека Македонија е грчка, имаше и свештеници. Грчката црква и претходно го соопшти својот став за решавање на спорот за името.