23 Ноември, 2024
0.0262

Анализа: Ова се клучните енергетски реформи од кои новата Влада не смее да бега

Објавено во: Анализа 07 Јули, 2017

Добивај вести на Viber

СДСМ како предводници на новата влада веќе ги исцртаа првите насоки за реформи во енергетиката, за почеток тука е најавата за враќање на евтината тарифа во текот на денот за сите корисници, додека пак за сите останатите најавени проекти се уште нема конкретни чекори. Македонија како дел од Европската енергетска заедница е обврзана на повеќе реформи меѓу кои и либерализација на пазарот, прашање кое со години се одбегнува од различни политички и структурни аспекти. Исто така се уште не се знае какви промени ќе претрпат државните енергетски компании МЕПСО и ЕЛЕМ, но и Регулаторната комисија за енергетика како една од поважните алки. За потребните реформи во енергетиката, како и тоа што владата треба да сработи за поголема енергетска ефикасност и борба со енергетската сиромаштија правиме анализа со Соња Ристеска од тинк-тенк Аналитика која со години го следи енергетскиот сектор.

Фактор: Дали идејата на СДСМ да ја врати евтината тарифа на електричната енергија е добар и воопшто изводлив чекор?

Ристеска: Зависи која е поентата. Евтина тарифа како таква, како што постоеше порано не. Идејата е да ја користиме енергијата ефикасно и со помалку да ги задоволуваме истите потреби што не се постигнува со евтина струја туку со мерки за енергетска ефикасност. И со намалена тарифа пак ќе трошат граѓаните многу ако живеат во неефикасни живеалишта и имаат проблем да го стоплат или изладат домот ефикасно. Оваа мерка како што наведе и самиот директор на Енергетската заедница, господинот Копач, може да биде само привремена и транзитна и само за однапред одредена група на корисници кои би имале негативни последици од либерализацијата на пазарот. Со тоа што таа би траела година до две најмногу додека не се смират шоковите на пазарот од либерализацијата. Повторно, мерки за намалување на сметки се мерки за енергетска ефикасност во домовите, не евтина тарифа. 

Фактор: СДСМ најавуваше дека на посиромашните граѓани ќе им доделува фотоволтаици со кои освен што ќе заштедат на електрична енергија ќе може и да заработат, дали тоа е возможно и што ќе значи за пазарот на струја?

Ристеска: Возможно е да се постават фотоволтаици на крововите и со двонасочно броило да се мери колкаво количество на електрична енергија пуштате во системот. Постојат различни механизми како тоа се регулира, во Европа најчесто предадената струја не се плаќа, туку за вишокот на киловати потоа добивате порамнување, а тоа што ќе го потрошите од електричниот систем да го платите. За ова треба согласност со ЕВН за да се видат состојбите со мрежата и да не дојде до некакво оптоварување. Ваквиот систем помага и за електродистрибутивната мрежа бидејќи на пример кога има големи потреби во потрошувачката истите може да се обезбедат од самите корисници преку нивните фотоволтаици.

Фактор: Македонија беше мета на критики од страна на Европската енергетска заедница пред се за одложувањето на либерализација на пазарот на струја. Дали може да се спроведат овие реформи во брзо време и што тоа ќе значи за крајните потрошувачи?

Ристеска: Либерализацијата требаше да се случи на 1 јануари 2015 година. Кога веќе сме станале членки обврските во ЕЕЗ мора да ги почитуваме. Засега главна пречка е социјалната структура и стравот од големо поскапување на цената на струјата. ЕЕЗ се понуди заедно со државата да работи на либерализација на пазарот да нема поголеми шокови кои барем на почетокот на краток рок ќе се осетат, но потоа ќе има стабилизирање на цените со зголемување на конкуренцијата. Не треба да се работи само на еден проблем, а останатите да се игнорираат. Категоријата на ранливи потрошувачи мора да се идентификува и да се обезбедат соодветни решенија бидејќи само евтина тарифа не е решение, во пакет мора да се работи и на енергетската ефикасност, како и да се најдат методи за борба со енергетската сиромаштија. На почетокот на либерализацијата улога ќе има Регулаторната комисија за енергетика која ќе треба да работи заедно со Владата за да нема драстично зголемување на цената на струјата. Механизми постојат и мора да се искористат.

Фактор: Енергетската сиромаштија е голем проблем во Македонија, особено во текот на зимската сезона. Голем дел од населението е принудено да гори се што ќе му дојде при рака само за да се згрее. Се најави проект за субвенции за печки на пелети. Дали тоа е доволно за да се реши овој проблем и што би опфатила една поопширна стратегија?

Ристеска: Најпрво мора да поставиме дефиниција за кој е енергетски сиромашен и потоа таргетирано да се работи за намалување на сиромаштијата. Важно е да се знае дека не се само официјално сиромашни лица енергетски сиромашни, туку и лица кои имаат редовни приходи многу често влегуваат во катетогријата енергетски сиромашни. Оттука системско решавање на проблемот на меѓуинституционално ниво, заедно и со граѓанскиот сектор но и медиумите преку разни кампањи е повеќе од потребно. Без субвенции, замена на печки, прозорци, субвенции за фасади итн, намалувањето на енергетската сиромаштија не е возможно. Колку во поквалитетни услови живеат жителите, и колку помалку трошат за сметки за енергија, толку помалку ќе бидат енергетски сиромашни. Оттука е и потребен Фондот за енергетска ефикасност, како и други иницијативи кои би им помогнале на граѓаните да се оттргнат од енергетската сиромаштија.

Фактор: Какви реформи треба да претрпат ЕЛЕМ, МЕПСО и Регулаторната комисија за енергетика?

Ристеска: Секоја компанија треба да се фокусира максимално на она што е во описот за работа. МЕПСО на реновирање, сервисирање на постоечката мрежа, инвестиции во паметни мрежи итн, ЕЛЕМ во производство, а РКЕ во независна регулација на пазарите на енергија. Она што би требало да биде различно од претходното владеење е неефикасното трошење на парите на проекти како барокни фасади, рајски паркови и слично. Такви пракси треба да се напуштат, а она што треба да се дефинира е кои проекти од општествена корист можат ЕЛЕМ и МЕПСО да ги финансираат. Досегашната пракса на слободно одлучување без широки јавни консултации одеше на штета на граѓаните и тоа би требало да се напушти во иднина. Фокусот на ЕЛЕМ И МЕПСО би требало да биде на сигурно, стабилно, безбедно енергетско снабдување во Репиблика Македонија, со тоа што секако има простор за поддршка на разни групи на граѓани, од лица со посебни потреби, екологија итн. Ова секако оди во корист на промовирање на работата на компаниите, но досегашното декадентно трошење милиони евра за различни проекти сметам дека го немаа посакуваниот ефект. Исто така сите актери од енергетскиот сектор мора посериозно да се посветат на нивното транспарентно и отчетно работење, финансиското најмногу. Сведоци бевме на скандали во овој сектор, и тоа може да се надмине доколку јавноста редовно се информира, но и се јавно и навремено достапни сите годишни извештаи, програми, ревизии итн.

Автор: Христијан Станоевиќ


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.