Андонов ќе го спасува МВР: Нема да дозволам да стане партиски штаб
Ќе ги искористам сите правни средства за запирање и санкционирање на ова досега невидено самоволие на Спасовски и ќе придонесам кон враќање на владеењето на правото во МВР, реагираше денеска дополнителниот заменик Министер, Оливер Андонов
Објавено во: Македонија 29 Септември, 2016
„Со бесправното и еднострано потпишување на решенијата за распоредување на раководни позиции на 11 лица вработени во МВР, Спасовски на најдобар начин покажа дека за него не постои Устав и Закон, туку само негов личен интерес и интерес на неговата партија, што е во директна спротивност со законот за преодна Влада за спроведување на избори. Со извршените противзаконски именувања, Спасовски се стави над законот и го доведе во прашање целокупниот систем на организација и работа во МВР“, изјави денеска дополнителниот заменик министер, Оливер Андонов.
Неговата реакција следи по изјавата на Министерот Оливер Спасовски дека нови 11 раководители со цел да не се дозволи МВР да биде „алатка во рацете на било која од политичките партии“.
„Нема да дозволам МВР да се претвори во партиски штаб и место на кое Спасовски брутално го погазува и руши дигнитетот на министерството. Ќе ги искористам сите правни средства за запирање и санкционирање на ова досега невидено самоволие на Спасовски и ќе придонесам кон враќање на владеењето на правото во МВР, како еден од основните столбови на државата“, вели меѓудругото Андонов и апелираше до Спасовски да ја повлече штетната и незаконска одлука.
Инаку Оливер Андонов пред да биде именуван за дополнителен заменик министер, неполни 24 часа беше министер за внатрешни работи. Дотогашниот Митко Чавков си поднесе оставка, но за да биде именуван на друга функција во МВР, мораше да биде назначен министер, бидејќи според Законот за полиција тој ги назначува функционерите во Владата. Па за „инстант“ министер беше избран токму Андонов, кој го именуваше Чавков за директор на Бирото за јавна безбедност.
Андонов дури и се фотографираше во кабинетот на министерот во МВР, а неговото име еден ден беше овековечено како министер за внатрешни работи. Следниот ден на таа позиција дојде Оливер Спасовски од СДСМ, а Андонов ја доби втората позиција како заменик министер.
За тоа колку вреди Оливер Андонов, можете да прочитате од следниов линк!