Анѓушев: Мизо е директор на „Костал“, инвестиција која добила право да не ги плаќа придонесите
Објавено во: Македонија 24 Ноември, 2017
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев изјави дека во претходните 5 до 6 години начинот на доделување на владини субвенции за странските инвестиции бил нетранспарентен.
Тој како пример за отворен конфликт на интереси го спомна поранешниот директор на ТИРЗ, Виктор Мизо.
„Другото име на дискрецијата се вика корупција“ - кажа Анѓушев на денешната седница за пратенички прашања во Собранието.
Објасни дека поранешниот директор на технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) Мизо сега е директор на „Костал“, германска фирма која има погон во Струга.
„Како владин службеник преговараше и на германската фирмата ѝ овозможил да потпише договор со право за неплаќање на придонесите за здравствено и пензиско осигурување за вработените. „Костал“ е единствената странска инвестиција која добила право да не ги плаќа придонесите за вработените, како дел од државните олеснувања за странските инвеститори“- одговори Анѓушев на пратеничко прашање за странските инвестиции во Македонија.
Со програмата на претходната власт за привлекување странски инвеститори, како што наведе, има одредени резултати, но потрошени се 225 милиони евра, во најголем дел за маркетинг, кампањи.