АНТИСТРЕС ТЕРАПИЈАТА НА МЕРКЕЛ: Канцеларката открива како ги чува нервите во својата работа
Објавено во: Свет 27 Јуни, 2017
Љубопитноста и среќата се најважни квалитети во политиката, како и хуморот, изјавила германската канцеларка Ангела Меркел, истакнувајќи дека најмалку еднаш дневно се смее.
„Хуморот е важен во политиката. Јас се смеам најмалку еднаш дневно, инаку не би можела да ја работам оваа работа“, рекла Меркел во опширно интервју за германскиот магазин за жени „Брижит“ , кое е емитувано во живо од Берлин на социјалните мрежи.
Меркел така одговорила на прашањата како се бори со стресот на работа, посебно имајќи ги предвид претстојните избори во септември. Таа истакнала дека никогаш не би дозволила никој да и го „скрати годишниот одмор“.
Станало збор и за односот на Европа и САД, а по тој повод Меркел рекла дека поранешниот американски претседател Барак Обама порачал дека ЕУ не може вечно да смета на силната поддршка на Америка.
„Наша задача како Европејци е да преземеме одговорност и никогаш веќе да не се потпираме целосно на САД“, нагласила Меркел. Таа не одговорила конкретно на прашањето што планира да работи по излегувањето од политиката, но навела дека не звучи лошо можноста да може повеќе да спие.