Бејли: Добро е што Македонија има разговори со Грција и со другите земји
Објавено во: Македонија 07 Јуни, 2017
Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли денеска изјави дека поддржуваат заеднички прифатливо решение за прашањето за името, додавајќи дека тој не може да каже кое е тоа решение.
Според него, добро е што Македонија има разговори со Грција и со другите земји во соседството.
„САД отсекогаш ја поддржувале и ќе продолжат да ја поддржуваат Македонија на нејзиниот пат кон НАТО и ЕУ“ - вели Бејли.
Амбасадорот додава дека реформите во правосудството и во другите области се многу важни.
„Допрва треба да зборуваме со новата Влада како и со членовите на целото општество и со опозицијата за чекорите што ќе ги преземеме. Затоа што овој процес го вклучува целото општество и целата држава и тоа е нешто за кое целата земја ќе треба да се обедини за да го постигне“ - изјави Бејли.
Амбасадорот вчера со шефот на дипломатијата, Никола Димитров зборувал за начините за натамошно унапредување на билатералните односи помеѓу Република Македонија и САД, нагласувајќи ја заедничката заложба за продлабочување на соработката во сите домени од заемен интерес.