30 Април, 2024
0.0760

Берзанска анализа од Вардар до Триглав

Објавено во: Анализа 23 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Доаѓа август, време кога традиционално сите заминуваат на годишни одмори. Ова е период кога во основа берзите мируваат, освен ако нема некои вонредни случувања. За жал, кај нас и во регионот тој период на мирување како да е почнат уште од поодамна.

За овој текст подготвивме кратка техничка анализа, која би требало да ни даде насока за тоа што може да го очекуваме во месеците што следуваат: Кога последен пат пишувавме за техничката анализа, бевме претпазливи оптимисти. Засега од тој оптимизам ништо. Самиот индекс и неговите просеци се во слободен пад веќе подолг период и можеби единствено добро е што индексот е блиску до историското дно. Без никаква дилема ќе се јави шанса за солидна заработка на нашата берза, но изгледа дека е прерано да се влегува во водата, затоа што таа сѐ уште е бара во која нема баш убаво да си пројдете. На крајот на минатата година имавме позначително раздвижување, домашно и регионално, но тоа се покажа како преурането, како кај нас така и во регионот. Она што можеби е позитивно, регионално гледано, е дека Словенечката берза успева да не прави нови дна, за разлика од нашата берза. Може да направите јасна споредба меѓу графиконите на тамошната и на нашата берза и јасно да заклучите дека таму барем се задржува одредено ценовно ниво. Веројатно останува главен заклучок дека клучно за регионот е Словенија што побрзо да си ја среди куќата и потоа работите да почнат да се придвижуваат во позитивна насока. Можеби овој графикон покажува дека инвеститорите сметаат дека полошо не може да биде, па затоа неколкупати индексот не го пробива нивото од 600 поени. Ова е графиконот на Белградската берза. И покрај тоа што нивниот курс е веќе силно одреден спрема запад, очигледно тоа нема некое големо влијание на берзата. Треба да се напомене дека сѐ уште се на повисоко ниво од почетокот на годината и дека покажуваат знаци на раздвижувања, но очигледно илузија е да се очекува дека датумот за почеток на преговорите нешто ќе смени. Европската Унија и перспективите што ги нуди се исклучително корисни за берзите во време на просперитет. И, секако, доколку Унијата ја издржи оваа криза, цените на акциите на регионалните компании што доаѓаат од земјите што се членки на Унијата ќе растат побрзо од другите, затоа што очекувано ќе бидат во фокусот на инвеститорите. Во моментов, економски, па и берзански, северот на Европа е многу понапред, како со справувањето со кризата така и со движењето на акциите. Типичен пример за тоа се индексите на две големи економии во Европа, Шпанија и Германија. Многу е јасно дека справувањето со кризата во Шпанија оди многу потешко, и покрај тоа што е дел од самата Унија. Движењето на индексите многу јасно го покажува тоа. Веројатно ова е време кога можеби не треба да се продаваат веќе стекнатите позиции, особено не на некои дивидендни акции и акции што се фундаментално здрави. Од друга страна е прерано да се враќате проактивно на пазарот. Играта на чекање ќе продолжи уште некое време. Милан Димитриоски