БЕЗ ДОГОВОР: Вториот круг на преговори заврши без разбирање на Брисел и Лондон за правата на граѓаните по Брегзит
Објавено во: Свет 21 Јули, 2017
ЕУ и Велика Британија повторно не успеаја да се договорат за правата на граѓаните по „разводот“, изјави главниот преговарач на ЕУ за Брегзит Мишел Барние при вториот круг на преговори со Лондон.
Според неговите зборови се уште има сериозни разлики по ова прашање, пренесе AFP.
Тој ја повика британската влада да ја разјасни својата позиција за голем број на клучни теми, поврзани со процесот на излез од блокот.
„Оваа недела беше време за преставување, третиот круг ќе биде за појаснување“, рече Барние на заедничката прес-конференција со неговиот британски колега Дејвид Дејвис во седиштето на Европската комисија.
Тој додаде дека за да излезе од ЕУ, Велика Британија треба да ја плати сметката.
„Да ги отстраниме сите финансиски прашања и да се платат сите сметки - тоа е главниот услов за правилен и цивилизиран начин за излез од блокот“, посочи тој.