26 Април, 2024
0.0272

Бездушни неморални личности

Објавено во: Колумни 13 Февруари, 2018

Добивај вести на Viber

Што е тоа во луѓето тажно што живеат во животи туѓи, кој во нечие минато плови сосем мирно и без да се срами...стихови од ненатпеаниот Тоше, стихови кои и денес ја распарчуваат душата на декој добронамерник и го болат до коска секој искрен и емпатичен човек. Емоциите се дел од човековата душа и недвојбено треба да ги искажуваме, секако сразмерно на ситуациите и поводите и не треба да ги криеме, бидејќи одамна ги надминавме табуата дека луѓето што покажуваат јавно емоции се слаби личности. Емоциите бликаат од сите добри луѓе кога ќе чујат некоја вест, позитивните емоции, насмевки, восклик, радост, среќа ги исполуваме кога ќе чуеме радосна вест, а додека некоја вест е болна и тажна не опсипуваат емоциите на тага, бол, жал. Нормално е да си среќен и да се радуваш на успех, на убава вест, на убав миг, и  да се почувствуваш тажен,  несреќен, здушен, кога ќе бидеш директен или индиректен учесник во некој немил настан и сето тоа  да го споделиш со блиски, бидејќи народната вели  Споделена радост е поголема радост, а споделена тага е помала тага.  Сето тоа е норамлно и човечки, секоја емоција која може да се види на ликот на еден човек токму ја доловува неговата емотивна страна, но и неговата хумана и човечка димензија.

  Емоции на тага, болка и жал ме совладаа  кога ја чув веста за загинувањето на двајцата планинари, наши сограѓани, личности во цветот на својата младост, кои уживале во убавините на планинарењето, уживале во освојувањето на недопрените планински масиви и врвови, нешта што само храбрите и големи луѓе можат да ги сакаат и осознаваат. За овие двајца млади само небото било лимит, нивната желба да ги остварат своите младешки животни цели била нивната пасија, страст кон убостите на природата, која со сета своја големина ги послала насекаде и тие со сета своја страст сакале тие убавини да ги видат и да ги освојат. Ах само малкумина ја имаат таа храброст и јуначко срце да одат по работ на бездната, да го кротат нескротливото и да се стремат кон највисокото и секоја чест за тие кои тоа го чинат, посебно голем наклон за Калина и Александар. Само тие знаат како е на врвот, само тие знаат какво е чувството кога ќе го развиориш националното знаме на врвот на некоја планина, само тие знаат како е да се бориш со ветерот и природата. Но за жал во таа нескротливост и борба  со временските непогоди тие ја загубија битката. Завиени во тага се сите кои ги познавале младите кои загинаа освојувајќи височини, но и сите оние добронамерници кои недвојбено емотивно реагираа бидејќи згаснаа два млади животи.

  Гнев и грозоморие ми се јави пак од друга страна кога ги читав написите на некои, без влакна на јазикот, ќе ги наречам болни умови, кои се ситеа на несреќата на двајцата млади. Не можам, не сакам и мојот ум не може да восприеме таков став дека некој се сити на туѓа смрт, дека некој има емоции на радост за загубен живот само поради една причина, ступидна, различната политичка провиненција. Па добро бре луѓе колку треба да немате памет, колку треба да сте оперирани од морал, страм, вредности, колку совеста треба да ви биде заслепена и колку срцето треба да ви биде отруено за да можете да се радувате на нечија несреќа. Уште потрагично е што истите вие, морални накази и бездушници, без тронка страм посакувате иста таква лоша судбина на некои кои јавно ја искажале својата жал и тага за прерано загинатите. Имате ли малку ум и разум, имате ли малку свест да се запрашате до каде одите, не само што го допревте дното, туку продолжувате да копате подлабоко, риете во живата кал и воопшто не ви е гајле за тоа. Не сум јас таа која ќе ви суди, јас и многумина како мене може само да се гадиме од вашите постапки и да се чудиме на човечката злоба и лошотилок, да се јадосуваме и да се запрашуваме колку само треба да бидеш зол и емоционално осакатен за да станеш нечовек, верувајте вам има кој да ви суди, прво како верници, а потем како граѓани, сега сите тие се на потег...

Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД