30 Април, 2024
0.0294

Бизнисмените оптимисти – економијата покажува позитивни сигнали, проблем се нарачките од странство!

Објавено во: Анализа 26 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

Стопанствениците очекуваат подобрување на економските состојби во следните месеци, ова го покажува анкетата на Државниот завод за статистика. Сепак, како клучни предизвици и натаму се недоволната странска побарувачка која учествува со 25%, потоа недоволната домашна побарувачка со 18.3%, финансиските проблеми со 10.7% и конкурентниот увоз со 9.1%. Анкетата покажала и дека според податоците, просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во октомври 2013 година изнесува 61.4% од нормалното искористување. „Обемот на производството во октомври 2013 година е поповолен во однос напретходниот месец, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни, како и oчекувањата за бројот на вработените“, стои во оценката на раководителите на деловните субјекти за очекувањата во преработувачката индустрија. Според податоците на Државниот завод за статистика, раководителите во октомври годинава економската состојба ја оценуваат како поповолна во однос на истиот емсец од минатата година, но и какао поповолна во октомври годинава во однос на септември годинава „Ние, во Сојузот на стопански комори сме оптимисти со оглед на податоците за третото тромесечје.Трендовите се поповолни дури и од очекувањата во третото тромесечје па нема зошто тоа да не биде така и во четвртото тромесечје. И натаму клучно ќе биде градежништвото, каде се очекува позитивен тренд. Но секако важно е стабилизирањето на ЕУ пазарите, што значи дека нема да има пад на нарачките, извозот се очекува да има раст, вели за Фактор, Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори на Македонија.  Идентичен е ставот и на Стопанската комора на северозападна Македонија. „Ние сме оптимисти, се надеваме на подобро, но треба да бидеме поактивни за привлекување на свеж капитал, на странски инвеститори. Сепак важно е и владата да се насочи и кон регионалните пазари за заеднички настап кон трети земји. Градежниот сектор и натаму ќе  биде клучен, но сепак имајќи во предвид дека станува збор за зимски период тоа ќе мора да биде гранка која е вразана со градежништвото, “ вели за Фактор Мендерес Кучи, од Стопанската комора на северозападна Македонија. Сепак, бизнисмените оценуваат дека обезбеденоста на производството со порачки во октормври годинава е понеповолна во однос на претходниот месец. „Во октомври 2013 година, залихите на суровини и репроматеријали, како и тековните набавки на суровини и репроматеријали се под и околу нормалата. Залихите на готовите производи во октомври 2013 година се зголемени во споредба со претходниот месец, “ стои во оценката на раководителите на деловните субјекти за очекувањата во преработувачката индустрија. Според последните проекции на НБРМ, годинава се очекува раст на бруто-домашниот производ за 3,3 отсто годнава, а следната раст од 3,7 проценти. Според тие проекции, растот на македонската економија во 2015 ќе достигне до 4,4 проценти, а како главни носители за ова ќе бидат извозниот сектор, инвестициите, но и очекуваното зголемено кредитирање. „Економскиот раст е ревидиран нагоре. Наместо 2,3 проценти, ревидираната стапка е 3,3 проценти. За наредната година очекуваме засилување и наместо 3,1 проценти растот да биде 3,7 проценти, а во 2015 година очекуваме посилен раст од 4,4 проценти“, изјави пред две недели  гувернерот на Народната банка, Димитар Богов. Според истите прогнози, инфлацијата ќе се стабилизира на 2,3 отсто во 2014, но на ова ќе притискаат цените на храната, а се најавува продлабочување на трговскиот дефицит. Оптимизмот е резултат на подобрите остварувања во првата половина од годинава, извозот од новите странски и јавни инвестиции, но и од придвижувањето на личната потрошувачка. Сепак, се потенцира дека се уште постојат ризиците однадвор поради што и внатрешните состојбите ќе зависат од европските и светски трендови. Н.С.