БОКИ 13 ДЕНЕСКА НЕМА ДА БИДЕ ОПЕРИРАН: „Ќе се направат детални иследувања, па ќе следи одлука на лекарскиот тим“, д-р. Јованов за Фактор
Објавено во: Македонија 17 Март, 2023
Поради влошена
здравствена состојба Бојан Јовановски-Боки 13 денеска е примен на лекување во
Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ или старата Градска болница
во Скопје. Лекарскиот тим треба да ги направи сите иследувања и да донесе
одлука каков тип на оперативен зафат ќе следува.
-Станува збор за млад човек заради што навистина треба да направиме детални испитувања и потоа да одлучиме каков вид на интервенција ќе следува. За среќа, нема перфорација, нема компликации кои налагаат итна операција. Ние ќе се обидеме да му помогнеме и со нашата стручност и професионалност да му ја подоброиме неговата здравствена состојба, вели д-р Јованов за Фактор, чиј пациент е Боки 13.
Утринава неговиот правен тим соопшти дека ќе следи тешка операција, односно отсранување на желудникот.
- Согласно специјалистичкиот извештај, ве информираме дека за извршувањето на операцијата која по својот карактер е сложена, високо - ризична и со неизвесен исход од истата, формиран е тим на повеќе хирурзи - специјалисти од областа кои ќе ја извршат операцијата, а истовремено напоменуваме дека хирурзите - специјалисти се оградуваат од ризикот и одговорноста за исходот од оперативниот зафат, дотолку повеќе што тие навремено и повеќекратно даваа категорични препораки и укажувања преку конзилијарните стручни мислења да не дојде до оваа операција и да се избегне овој мутилантен хируршки зафат, од причини што самата хируршка интервенција е високо ризична и сложена, придружувана со можни компликации кои можат да бидат кобни за пациентот, беше наведено во соопштението.
А. Б.