Брегу побара од Западен Балкан „Шенген“ механизам за слобода на движењето
Објавено во: Балкан 06 Јули, 2019
Механизам сличен на Шенген од државите на Западен Балкан побара генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка Мајлинда Брегу, укажувајќи дека недоволно се експлоатираат можностите за регионалната соработка.
„Граѓаните на Западен Балкан треба слободно да се движат со лична карта, а регионот треба да ги отстрани структурните пречки за трговија и инвестиции. Време е во регионот да се примени механизам сличен на Шенген, за да се овозможи патување во целиот регион и да се отвора пат за постепено минување на слободно движење на граѓаните. Слободата на движење е основен предуслов за регионалните економски интеграции, а РСС е подготвен да ја преземе одговорноста“, изјави Брегу во Познањ.
Резултатите од самитот на лидерите на Западен Балкан се регионална Декларација за заемно признавање на високошколските квалификации, што ќе им овозможи на младите да имаат полза од моделот на автоматско признавање на дипломите и период на студирање на вискошколски установи, како и Декларацијата за Ромите, со која Западен Балкан се обврзува да работи решително за целосна интеграциа на ромското население во регионот, соопшто РСС.
РСС е еден вид оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, чиј основач и член е и Република Северна Македонија, а од страна на лидерите на Западен Балкан и ЕУ му е доверена и улогата на координатор за спроведување на задачите и целите од Повеќегодишниот акциски план за заеднички економски простор.