26 Април, 2024
0.0461

Бремето на Обама наречено „Сирија“

Објавено во: Анализа 04 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Руската помош за воената офанзива на армијата на сирискиот претседател Башар Асад ги намали изгледите за успех на руско-американските напори за решавање на мир во Сирија. Ова ја зголемува веројатноста Барак Обама да остави на својот наследник да решата еден сѐ по посложен конфликт, пишува Ројтерс.

Во војната, која веќе навлезе во шестата година, досега загинаа 250.000 луѓе, беше причина за протерување на 11 милиони луѓе од нивните домови и обезбеди на „Исламска држава“ база за нивните напади против Западот.

- Кој и да е следниот претседател на САД, овој сериозен проблем ќе го решава уште од првиот ден од неговиот мандат, објаснува Фредерик Хоф, поранешен советник на Обама за Сирија, кој денес е дел од експертската група „Атлантски совет“. „Ова е проблем кој под една или друга форма ќе биде на дневен ред барем во првиот мандат на следниот шеф на државата, а можеби и повеќе“.

Според американски функционер, Белата куќа планирала да го задржи сегашниот хаотичен статус кво во Сирија до крајот на мандатот на Обама. 

„Тие се надеваат дека можат да ја пренесат оваа збрка на следниот претседател. Но ете, нередите избувнаа со нова сила и сега ќе им се наложи да смислуваат што да прават“, објаснува анонимниот извор.

Други официјални лица кои побарале анонимност, објаснуваат дека руски авиони, артилерија и воени советници учествуваат директно со сириските сили во офанзивата на Алепо - најголемото населено место, досега контролирано од умерената опозиција поддржана од Вашингтон.

Шиитски милиции од Авганистан, Либан и Ирак исто така учествуваат во нападот против опустошената енклава, каде 250.000 мирни граѓани се подложени на секојдневни воздушни напади, објаснуваат изворите. 

- Офанзивата во Алепо се испоставува бескомпромисен обид да се скрши отпорот, додава еден од соговорниците на Ројтерс.

Дури и по договореното во февруари привремено примирје меѓу бунтовниците и режимот на Асад, летовите на руските авиони дотаму продолжиле со истата фреквенција - околу 40 на ден.

Според претставници на американското разузнавање, рускиот претседател Владимир Путин го искористил одбивањето на Обама да интервенира во Сирија и од ограничените можности за дејствување неколку месеци пред крајот на неговиот мандат, за да заземе што е можно повеќе територија во Сирија пред доаѓањето на новиот шеф на држава.

Според овие извори Русија реално не учествува во мировните напори, а Путин се обидува што е можно побрзо да ја ослабне сириската опозиција - задача во која барем досега забележува успех.

Можностите на Обама

Кои чекори ќе ги преземе Обама во сегашната ситуација, тешко е да се предвиди. „Во моментов не изгледа дека Белата куќа има „План Б“, вели Хоф.

Американскиот претседател се обидуваше да го минимизира учеството на САД во Сирија. Тој постојано отфрлаше предлози како оние за создавање на забранети зони за летање, или за вооружување на умерената опозиција против Башар Асад.

„Една од работите кои ми тежат најмногу, е нашата неспособност да си одговориме на прашањето какви се последиците од нашата неактивност“, вели поранешен државен службеник, поврзан со американската политика за Сирија. „Секогаш сме биле фокусирани на ефектите од нашите активности ... Но требаше да размислиме и како нашето неколкугодишно недејствување ќе влијае на имиџот на САД и на развојот на конфликтот“.

Обама ја ограничи улогата на САД во блискоисточната земја до поддршка за формации, борејќи се против „Исламска држава“ во североисточниот дел на Сирија. Тој се стремеше кон преговори со Русија, која во септември 2015 година започна воздушни напади во поддршка на Башар Асад. Но по последните активности на Москва и по официјално прекинатата соработка меѓу САД и Русија за Сирија, американскиот претседател веќе не може да смета дека примирјето ќе се почитува, додека неговиот наследник ја преземе функцијата на 20 јануари.

Чарлс Листер, истражувач од тинк-тенк за Блискиот Исток, се сомнева дека дури сега Обама ќе заземе поактивна позиција. „Во спротивно тоа би била најневеројатната промена на надворешната политика на САД во последните 8 години“.

Сепак администрацијата на претседателот можеби ќе треба да работи врз продлабочувањето на хуманитарната криза. Падот на Алепо би отпуштил нов миграциски бран кон Европа, која минатата година прифати над 1 милион бегалци.

Нешто повеќе - сириските бунтовници поддржани од САД, вознемирени од недостаток на акција од страна на Обама во однос на Алепо, можат да се приклучат на сирискиот огранок на „Ал Каеда“. Листер, кој одржува врски со сириските бунтовници внатре во земјата, вели дека меѓу нив расте разочарувањето од Обама поради неможноста да договори трајно примирје со главниот бранител на режимот на Асад - Русија.

„Ситуацијата се влошува многу брзо. Со секоја недела, САД ја губи предноста во Сирија“, резимира аналитичарот.