БУГАРИТЕ ЌЕ ГЛАСААТ НА СЕДУМ ЛОКАЦИИ: За првпат ќе има гласање и во Тетово
Објавено во: Македонија 14 Март, 2023
И Бугарите во Тетово ќе гласаат на изборите закажани за 2 април. Градоначалникот на Тетово Биљал Касами и амбасадорот на Бугарија, Ангел Ангелов, се договориле да се најде место во градот каде ќе гласаат бугарските државјани на предвремените парламентарни избори во Бугарија на 2 април.
„На средбата на градоначалникот на Општина Тетово и амбасадорот на Бугарија во Скопје, Ангел Ангелов се разговараше за предизвиците и можностите за соработка меѓу двете земји. На средбата се разговараше и за можната соработка со бугарските општини и користењето на нивното искуство во добивањето на средства од Европската Унија“, информираа од Општина Тетово.
Бугарите во Македонија ќе гласаат на седум локации. На официјалниот сајт на бугарската амбасада во Македонија пишува дека со распишувањето на изборите издадени се и наредби за формирање на избирачки места во седум градови – Скопје, Битола, Кавадарци, Охрид, Прилеп, Струмица и Тетово. За првпат и Тетово ќе отвори гласачко место за Бугарите. Изборите следуваат откако во јануари, тројца мандатари не успеаја да состават влада.