Бугарите потпишуваат онлајн петиција за одземање на бугарските пасоши на Македонците кои шират омраза против Бугарија
Објавено во: Македонија 02 Февруари, 2023
Се појави онлајн-петиција за одземање на бугарското државјанство на Македонци што шират омраза. Оваа петиција се појави на страницата „Бугари од Македонија“.
Основач е Димче Јамандиев од Велес, бугарски и македонски државјанин.
„Ние од страницата „Бугари од Македонија“ ги повикуваме сите владини и невладини организации да се приклучат на нашата иницијатива. Одземање на бугарско државјанство, за луѓе кои стекнале државјанство од Република Македонија и денес навредуваат и шират омраза кон Бугарија“, стои во повикот за поддршка.
Голем број Македонци земаа бугарски пасоши за да можат да работат во Европа. Бугарија споменуваше дека таа бројка се движи околу 100.000.
„Ако им се одземат бугарските пасоши на Македонците кои живеат и работат во ЕУ, бидете сигурни дека тие самите ќе ја принудат својата Власт да го смени тонот кон Бугарија, и многу бргу ќе ги вметнат Бугарите во Уставот!“, пишува во еден од коментарите на петицијата.
Дури се вели дека треба јавно да биде објавено кои македонски политичари поседуваат бугарски пасоши. Бугарски политичари претходно тврдеа дека македонски министри, заменици министри, градоналници имаат бугарски пасоши. Медиумите неодамна пишуваа дека и турски државјани вадат бугарски пасоши, при што плаќаат илјадници евра.