15 Мај, 2024
0.0256

Дали парите депонирани во банка се сигурни?

Објавено во: Анализа 16 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Штедењето е концепт на финансиска сигурност со цел да се зачува вредноста на парите. Значи, најпрвин со штедењето мора да се зачува вредноста на депонираните пари, а дури потоа и да се заработи доколку е можно. Зачувувањето на вредноста на парите најлесно се мери со односот меѓу каматата и инфлацијата. Доколку инфлацијата е пониска од каматата која ја добивате за вашот депозит - штедењето се исплати. Тоа значи дека сте ја зачувале вредноста на вашите пари, па дури и нешто сте заработиле. Споредувањето со стапката на инфлација навистина е неопходно, бидејќи тоа ни гарантира дека по истекот на орочениот период, со иста сума пари ќе можеме да го купиме она што можевме да купиме пред да започне штедењето. Важна одлука е и изборот на валута во која ќе се штеди - денари или странска валута? Но без разлика што ќе изберете, споредбата на каматите со инфлацијата подеднакво важи. Така ако штедите во евра, каматата треба да биде повисока од инфлацијата во еврозоната. Валутата на штедење треба да се усогласи и со целта заради која штедите. Така, доколку со заштедените пари планирате инвестиција или купување во денари, тогаш е поисплатливо да штедите во денари. Во спротивно, ќе плаќате курсна разлика за конвертирање на денарот во странска валута и обратно, а тоа е чиста загуба. Во моментов, каматите во Македонија се намалуваат, но заштедите и натаму растат. Просечните каматни стапки на денарски депозити без девизна клаузула за граѓаните во 2006 година изнесуваа 5 отсто, во јануари 2010 година достигнаа 8,5 отсто, а во септември 2013 се намалија на околу 3 отсто. На депозитите орочени повеќе од една година, каматната стапка во декември 2006 година изнесувала 8 отсто, во јануари 2010 година пораснала на 10,7 отсто, за во септември 2013 да падне на 5,5 отсто. Сепак и ова е повеќе од годишната стапка на инфлација во Македонија, која во 2013 година изнесуваше 2,8%, што го прави штедењето сè уште исплатливо иако далеку помалку отколку претходните години. И покрај надолниот тренд на каматите, заштедите континуирано растат. Граѓаните во моментов во банка чуваат околу 3 милијарди евра, а со заштедите на фирмите вредноста на депозитите се искачува на 4,2 милијарди евра. Според последните податоци од НБРМ, речиси половина од депозитите се во денари, додека остатокот се во странска валута, најчесто евра. Б.А.