26 Април, 2024
0.0276

Дали САД и Русија се послични отколку што ние би сакале?

Објавено во: Анализа 10 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Слабостите на руската внатрешна политика се манифестираат и во политиката на Доналд Трамп. И во двете земји, на највлијателните личности не им стигнува храброст да се одважат и да стават крај на ова безумие. Јас сум Американка, но сум родена во Москва. Поради тоа мојата „американска суштина“ еднаш послужи како причина за нешто како национална дебата во Русија. Во некои учебници имаше прашање дали е правилно дека станав државјанка на САД. Обидете се да сфатите каква позиција зафатија мнозинството Руси, особено советската генерација, пишува во својата анализа Нина Хрушчова во германски „Ди Велт“.

Една Русинка може да биде извадена од Русија, но невозможно е да ја извадиш Русија од Русинката. Денес, кога американската политика на таков чуден начин го промени курсот, мојот „руски“ поглед може да помогне да се ориентирам при ситуацијата во САД. Според мене сè изгледа така, небаре во САД се појавиле најнепријатните и најоткачени знаци на руската политика. Огромната лага измислена во нацистичка Германија, усовршена во Советскиот Сојуз и мајсторски применувана од претседателот на Русија Владимир Путин, во денешни денови е неизбежен дел од предизборната кампања на Доналд Трамп.

За Трамп медиумите беа само „корисни идиоти“

Досега сите лаги на Трамп вршеа работа. Медиумите како целина ја исполнуваа улогата што Ленин ја нарекуваше „корисни идиоти“: тие така настојуваа да го зголемат рејтингот со помош на Трамп што не забележуваа или не придаваа значење на тоа дека тие самите го зголемуваа и неговиот рејтинг. Па не е ни чудо што екстатичниот Трамп денес лаже уште побезобразно. Откако тој, на пример, загуби години за поставување на т. н. „Birther movement“, тврдејќи дека Барак Обама не може да ја зазема претседателската функција, бидејќи не бил роден во САД, Трамп изјави дека всушност гласината за местото на раѓање на претседателот во 2008 година била пуштена од неговата соперничка Хилари Клинтон. И сеедно како на него, односно на Трамп, му паѓа задачата да ја уништи оваа гласина. „Претседателот Барак Обама“, рече тој триумфално (сеедно како некој некогаш да се сомневаше во тоа), се родил во САД. Точка“. Се тврди дека сега медиумите во светот поради оваа безобразна лага ќе се сврти против Трамп. Неговиот исказ, дека божем Хилари ја пуштила самата гласина, беше премногу смешна, за да биде игнорирана.

Луѓето се подготвени да поверуваат на лагите на Трамп

И покрај тоа тој се уште има високи рејтинзи. Тоа дава основа да се претпоставува дека многу од неговите приврзаници се подготвени да веруваат на неговите очигледни лаги, или барем да се прогледа на нив низ прсти. Дадените околности, сепак, делумно одразуваат еден од „руските“ знаци во тековната предизборна борба во САД - моќта на олигарсите. Првиот постсоветски претседател на Русија, Борис Елцин имаше спогодба со најупорните граѓани на земјата: тие го финансираа неговиот реизбор, а во замена добија привилегиран пристап до најзначајните претпријатија на руската индустрија кога тие ќе бидат приватизирани. На сличен безобразен начин денес се развиваат работите во САД благодарение на друга група „корисни идиоти“ - конзервативните судии од Врховниот суд на САД, кои и ја подарија на Америка во 2010 година озлогласената одлука во процесот „Citizens United“. Оваа одлука ја прошири уставната заштита на слободата на изразување во форма на спонзорирање на предизборни кампањи и на тој начин ги отстрани сите ограничувања на патот на моќта на парите во политиката.

Олигарсите се обврзани да даваат отчет пред Путин

Во Русија олигарсите се обврзани да даваат отчет пред Путин. Назад во САД се создава впечаток небаре политичарите се одговорни пред олигарсите, чии пари тие ги користат за да се манипулира со обичните граѓани. Како доказ за тоа служи Руперт Мардок, претседател и поранешен генерален директор на медиумските холдинзи „News Corporation“ и „Century Fox“. Долги години изданијата на Мардок играа водечка улога во „плукањето“ на адреса на Европската унија и на тој начин го дадоа својот удел за „Брегзит“. Денес се чини дека Мардок, откако го смени генералниот директор на „Fox News“, Роџер Ејлс, откако последниот поднесе оставка поради обвинувањата за сексуални напади, ја смета за своја мисија да ги принуди американските избирачи да направат ужасен избор.

„Fox News“ веќе не го критикува Трамп

Откако во јули Мардок го зазеде новиот пост „Fox News“ обрнува главно внимание на Трамп, а не на вестите. Водителите, кои порано го критикуваа Трамп, сега им нудат на гледачите само баналност. А Ејлс често е консултант на кампањата на Трамп. Можеби е најразочарувачката паралела помеѓу руското минато и американската сегашноста да е во она што го нарекувам „молчење на овците“: неподготвеноста на највлијателните луѓе да стават крај на ова безумие. Октомвриската револуција во 1917 година во голема мера имаше успех поради тоа што противниците на болшевиците беа така зафатени да ги заштитат сопствените позиции и престиж дека не успеаја да се обединат против нив. Денес влијателни републиканци одат по сличен пат. Безусловно, некои водечки републиканци се против Трамп.

Џорџ Буш постариот ќе гласа за Клинтон

Освен тоа, 50 републиканци на високи позиции, вработени во органите на државната безбедност, се потпишаа под писмо во кое предупредија дека „Трамп претставува закана за безбедноста и благосостојбата на земјата“. Сенаторите Линдзи Греам и Бен Сас исто така го нарекоа Трамп закана за американската слобода и мирот во светот. Поранешниот претседател на САД Џорџ Буш постариот соопшти дека ќе гласа за Клинтон. Овие републиканци демонстрираат вистински патриотизам, претпочитајќи ја земјата, а не партијата. А што се случува со Пол Рајан, сегашниот претседател на Претставничкиот дом? Ако Рајан всушност е католички свештеник, како што тој самиот сака да го нарекуваат, зошто тој не ги критикува расистичките искази на Трамп, кои се повеќе стануваат „ултрадесни“, неговите бескрупулозни методи на водење бизнис, а исто така и нестабилните позиции по надворешно-политички прашања? Наместо тоа, тој вели дека Трамп е достоен за претседателската функција, и ризикува да ја продаде својата татковина (ако не и душата), бидејќи Трамп, можеби некогаш ќе води политика на патот кој го поддржува Рајан.

Кој од републиканците ќе го сопре Трамп?

На крајот на краиштата, каде се сите оние стари републикански лавови? Ако тие сакаат да го спречат Трамп да го уништи угледот на својата партија, а исто така и иднината на земјата, тие мора да започнат да ржат. Но Џорџ Буш постариот се воздржи од негодување, очигледно повеќе огорчен од тоа што Трамп го победи неговиот син Џеб на прелиминарните избори, отколку од тоа дека Трамп претставува реална закана. Џејмс Бејкер, кој беше во владите и на Доналд Реган, и на Џорџ Буш постариот, засега не се изјаснува јавно, така, како и Џорџ Шулц, Хенри Кисинџер, Кондолиза Рајс и Дик Чејни. Познато е дека Колин Пауел го мрази Трамп, но само поради тоа што се случи истек на негови електронски писма. Кога Елцин поднесе оставка, тој ја предаде Русија во рацете на избраниот лично од него негов наследник. Поради сопствената партија, личната чест и углед сега старите лавови треба отворено да се спротивстават на Трамп, за да не остават на нивната - и мојата - земја, слични штети, вели Хрушчова за „Ди Велт“.