15 Мај, 2024
0.0267

ДЕМОНСТРАЦИИ : Зошто гори Босна, почнува ли “босанска пролет“?

Објавено во: Анализа 08 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Четири дена по првиот протест, дали на Босна и Херцеговина ќе и се случи “босанска пролет“? Состојбата ескалираше. Незадоволството на работниците од неколку некогашани приватизирани фирми во Тузла беше иницијалната искра што ја крена оваа некогашнa ЈУ- република на нозе. Демонстрациите што се шират во повеќе градови низ земјата, не се обоени ниту етнички, ниту национално – туку единствено само како социјални протести поради нискиот стандард и лошиот квалитет на живот. Според Заводот на статистика на БиХ, во 2012 та година Бруто домашниот производ (БДП) по глава на жител изнесувал 3 430 евра. Босна и Херцеговина се вбројува во групата на посиромашни европски економии, во која спаѓа и Македонија, според стапката на сиромаштија, невработеност и БДП. Како се живее во БиХ? Според податоците на европските статистичари, Босна и Херцеговина припаѓа во групата на земји со најнизок животен стандард. Во 2012 та година, животниот стандард на граѓаните на БиХ изнесувал 29% од европскиот просек. Ова ниво, според Еуростат се одржува во последните пет години, а мерењата покажуваат дека од 2005-та година до 2009-та година има тренд на подобрување на БДП по глава на жител. Податоците на Заводот за статистика на БиХ,  пак, покажуваат дека Бруто домашниот производ по глава на жител во 2012-та година изнесувал 6.709 KM (конвертибилни марки) или 3.430 евра. Најголемо учество во креирање на БДП има Федерацијата БИХ со 64,33%, потоа Република Српска со 33,36 отсто и кантонот Брчко со 2,31 %. Еве како се движеше стапката на БДП во последните неколку години.   Стапка на БДП – Босна и Херцеговина: 2012  година     -1,1% 2011 година      1,0% 2010 година      0,7% 2009 година      -2,8% 2008 година      5,6% Просечната нето плата по вработен исплатена во ноември 2013-та изнесува 823 КМ или 420 евра – објавува Заводот за статистика на оваа земја. Највисоки плати земаат вработените во секторите енергија, информации и комуникации, јавната управа и финансискиот сектор. Инвестициите заклучно со 2012-та година изнесуваат 5,7 милијарди евра. Лани во однос на 2011-та инвестициите се зголемиле за 170 милиони евра. Анализирано според видот на инвестицијата,  најголем удел со 17,5% имале инвестициите во преработувачката индустрија, потоа трговијата на големо и на мало со 13,6%, јавната управа и одбрана 11,7%,  производство и снабдување со електрична енергија со  11,5% и инвестициите во секторот руда и камен со 7,3%. Вкупниот долг на Босна и Херцеговина изнесува 3,7 милијарди евра. Според податоците на Народната Банка на БиХ, во овој долг се вклучени кредитите кон сите меѓународни кредитори како Светска банка, ММФ, Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој. Потоа тука спаѓаат и долговите на Владата и сите владини агенции кон Саудискиот развоен фонд, Парискиот клуб, Јапонија, Кувајт и други земји. Во оваа сума на вкупен долг  се пресметани и долговите кон приватните кредитори. Она што во БиХ претставува вистински проблем, а за кој бавно се наоѓаат решенија е невработеноста. Според Агенцијата за вработување на Босна и Херцеговина, во ноември 2013-та година, стапката на невработеност изнесувала 44,5% и во однос на октомври се намалила за незначителни 0,2 процентни поени. На чекор до “босанска пролет“ ? Она што сега и се случува на Босна и Херцеговина е само псоледица од лошата економско-социјална состојба на граѓаните.  Професорот на Правниот факултет во Сараево, Здравко Гребо изјави дека се надева оти ова е почеток на “босанска пролет“. На протестите, според него им недостасува координација и цел на едно повисоко државно ниво. “Недостасува оној кој ќе биде подготвен да го превземе водството и одговорноста. Но ова е почеток на будење на класната свест. Мислам дека водата дојде до грло и дека нешто важно мора да се случи во следните неколку месеци“ - изјавил професорот Гребо за агенцијата “Анадолија“. Она што ги прави овие протести слични на оние од „арапската пролет“ е начинот на организација преку социјалните мрежи. Демонстрациите започнаа од една Фејсбук група со повик „50.000 граѓани на улица за подобар живот“. Групата ја формирал еден млад човек, незадоволен затоа што со сопругата биле невработени, а имале петгодишен син за да го прехранат. На неговиот повик се одзваа илјадници граѓани. Судирите почнаа во средата кога припадниците на полициската Единица за специјални намени тргнаа во пресметка со демонстрантите. Беа уапсени 27 лица, од кои пет беа задржани во притвор. На првиот ден од демонстрациите, според официјалните информации биле повредени 17 полицајци и осум граѓани. На протестите беа најбројни незадоволни работници од неколку приватизирани фирми во Тузла. Тие обвинија дека приватизацијата е криминална а нивниот статус е нерешен. Откако работниците од фирмите “Коњух“, “Дита“, “Полихем“ и други решија со протести да го изразат незадоволството, веднаш ја добија поддршката од своите сограѓани од Тузла. Меѓу нив и лица со високо образование кои со години се без работа, што пак даде една сосема нова димензија на целите протести кои се проширија и во другите градови. Вчера, протестите ескалираа во Сараево и Тузла каде беа запалени зградите на кантоналните влади, но и зградата на Претседателството на БиХ. Во оваа зграда е сместен и Архивот на Босна и Херцеговина, па пламенот проголта некои од највредните документи кои биле зачувани дури и во времето на војните во Сараево. „Штетата е непроценлива! Тој архивски материјал кој не настрада во три војни - ниту во Првата, ниту во Втората светска војна, па ниту во оваа последната, изгоре еве денеска. Единствено што можам да кажам е дека ова е една огромна културна срамота!“, изјави директорот на Архивот Шабан Захировиќ. Во немирите кои траеја вчера до вечерните часови, само во Сараево повредени беа над 100 лица, а десетици демонстранти се приведени. Повредени и уапсени има и во другите босански градови. Премиерот на Тузланскиот кантон Сеад Чаушевиќ поднесе оставка. Но, иако ситуацијата во текот на ноќта беше ставена под контрола, никој не верува дека ова е крај и на незадоволството на босанскиот народ на кој изгледа дека му се „прелеа чашата“. А.Д.