Дескоска и Таравари ветија помош за родителите на деца со посебни потреби
Објавено во: Македонија 21 Јуни, 2017
Иницијативата „5 до 12“ откако вниманието го привлече со кампување во шатори пред Собранието на Република Македонија дојде на дневен ред и на министрите за здравство и образование Таравари и Дескоска со цел да ги пренесат своите барања.
– Отворени сме, тие ни сугерираа што можеме да направиме а во склоп со законските и финансиските аспекти ќе видиме што можеме да се изведи од тоа. Беа дадени одредени предлози кои мислам дека се сосема добри и се што можеме заедно ќе направиме, порача Таравари по средбата.
Тој информираше дека министерството веќе има подготвено група на луѓе кои ќе го менуваат законот за здравствена заштита, што е едно од примарните барања на „5 до 12“, но како што рече за законски промени треба малку време.
Родителите се свесни дека одредени работи не може веднаш да се направат, но задоволни се од разбирањето и од соработката која ја имаат со новите министри.
– Најболната точка е инклузијата и дефектолозите, поголема контрола да има во училиштето во рамки на инклузијата. Ќе имаме уште многу состаноци за да се разработат сите проблеми. Ние очекуваме законски решенија, а се дотогаш ќе бидеме пред Собранието за да ги потсетуваме пратениците, изјави Сузана Стојановска, претставничка на иницијативата.
Според неа најпрво е важно да се дефинира со колку деца ќе може еден дефектолог да работи во училиштата но дека очекуваат зрела соработка и закони на хартија.