17 Мај, 2024
0.0322

Десподов: Кризата ни покажа колку брзо треба да се дигитализираме, TechPack нуди бесплатни алатки за бизнисот

Објавено во: Економија 18 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

Корона вирусот како што предизвика досега невидена здравствена криза, така и ја стави на тест светската економија која одамна не се соочила со ваков вид на предизвик. Застојот на потрошувачката, падот на продуктивноста и ограничувањата се проблем и за македонските компании. Особено на удар се малите и средните бизниси кои мораа да воведат нови канали на продажба и пласман за да опстојат во време на криза. Тоа покажа колку е неопходно да се забрза темпото на дигитализација на општеството и економските процеси. Затоа на сцена стапува одличната платформа TechPack која нуди бесплатни дигитални и софтверски алатки за традиционалните компании. Со Дијана Десподов која е предводник на оваа иницијатива заедно со Стартап Македонија разговаравме за новите услови со кои се соочуваат македонските претприемачи. Таа потенцира дека треба брзо да се адаптираме за да се вратиме во нормала бидејќи нормалата може да не се врати.

Неодамна ја претставивте новата платформа techpack.mk која пред се на микро, малите и средни компании им нуди голем број на дигитални алатки на едно место. ИКТ секторот и стартапите токму сега во екот на пандемијата со КОВИД-19 презедоа одговорност да понудат решенија. Во таа насока што нуди techpack.mk за македонските компании?

Десподов: Платформата TechPack нуди бесплатни дигитални услуги и софтверски решенија за традиционалните микро, мали и средни претпријатија (ММСп) за да им помогне да ги подобрат своите работни процеси и да им отвори нови можности за пристап до пазарот и потрошувачите. Платформата е иницијатива на Стартап Македонија која ги мобилизираше македонските стартапи и ИКТ заедницата да понудат бесплатен пристап до нивните платформи и продукти, како и да споделат знаења и искуства за процесот на дигитализација. 

Платформата TechPack содржи три компоненти кои се важни за претпријатијата: зделки, едукативни видео материјали, и решенија. Таа содржи низа алатки, сервиси и едукација прилагодена за домашните компании која ќе им помогне во дигитализација на нивното работење. Содржината е на македонски јазик и е таргетирана и приспособена кон голем број локални индустрии. Платформата нуди и пристап до едукативни материјали, како на пример релевантни он-лајн алатки за секојдневното работење, дигитален маркетинг, работилници за иновациски менаџмент, но и водење на процесот на дигитална трансформација - се она што им е потребно на компаниите.


Дигитализацијата на општеството, како и на бизнис секторот се покажа дека е неопходна, за да се одговори на потребите на граѓаните и потрошувачите. Кои лекции може сега да ги научиме бидејќи ваков вид на криза никогаш досега не сме доживеале?

Десподов: Првата лекција што треба да ја научиме е колку е важна подготовката. И приватниот и јавниот сектор се најдоа неспремни дури и за краткорочна криза, што укажува на недостаток на планирање. Треба исто да научиме брзо да се приспособуваме на новонастаната ситуација а не да чекаме да се вратиме во нормала бидејќи нормалата може да не се врати. 

Одредени процеси од институционален и правен аспект беа забрзани со КОВИД-19 пандемијата како на пример прифаќањето на електронската фактура и достапноста на административни услуги преку интернет. Тоа е одличен почеток и треба да се продолжи со забрзано дигитилизирање на јавните услуги.

Колку сте задоволни од темпото на реформи во дигитализацијата и што се треба да се преземе?

Десподов: Кризата наметна забрзано темпо на дигитализација што е пример за можност во време на криза и мислам дека треба да продолжиме со тој бран на рапидна и приоритетна дигитализација. Се разбира, во многу сегменти треба да се почне од почеток, од лиценциран софтвер и сертификати за безбедност, но мислам дека со добра волја и правилно распоредување на средства може многу да се постигне многу брзо. Иницијативата TechPack дополнително ги спојува малите традиционални претпријатија со стартапи и ИКТ компании кои веќе го изоделе патот на дигитализација и кои можат да им помогнат со совети и насоки. 

На глобално ниво неколку индустрии и сектори и покрај големата економска криза се издвоија како шампиони, на пример огромниот раст на апликации како Zoom. Што треба да научат македонските претприемачи и каде ги гледате тука можностите?

 Десподов: Мислам дека најголемата лекција тука е дека кризата може да биде и неверојатна можност, само треба да се препознае како таква, и дека ризикот преземан за време на криза може повеќекратно да се исплати.  Во ситуација кога на многу бизниси им се заканува клуч на врата може да се преземаат ризици кои можеби не би ги преземале во "нормални" услови, особено ако се размислува во контекстот на кризата и што сега е потребно и вредно. Zoom не би го издвоила како особено успешна приказна затоа што само нудеа услуга која одеднаш стана неопходна. Повеќе ме фасцинираат приказни за компании кои успешно го адаптирале својот бизнис модел и останале релевантни и профитабилни за време на кризата. 

Стартап Македонија, Фондот за иновации и технолошки развој, како и македонските стартап и ИКТ компании беа доста активни во изминатиот период. Како ја гледате нивната улога во напорите за примена на мерките за изолација и работа од дома?

Десподов: Со поддршката на 16 проекти за брз одговор на кризата преку програмата Креатон, Фондот за иновации и технолошки развој навистина создаде еден момент на креативност, солидарност, и соработка и понуди опции за како да живееме и работиме колку што е можно 'понормално' во вонредни услови. Сигурна сум дека ќе се покаже дека многу од овие нови начини на живеење и работење се подобри и попродуктивни од претходните и дека тие ќе останат. Технологијата дефинитивно придонесува кон поефикасно и побрзо вршење на работите и кога иновациите се правилно насочени, кон општо добро и решавање на локални проблеми, може да биде движечка сила, и економска и социјална. Мило ми е што Фондот за иновации поддржува вакви иницијативи и мило ми е што Стартап Македонија ги обединува стартапите и ИКТ заедницата во насока на подобра економија и општество. 

Како што рековме се соочуваме со една од најголемите економски кризи, а последиците се повеќе ќе се чувствуваат и во Македонија. Владата во неколку наврати донесе мерки, дел од нив во соработка со бизнис заедницата. Како гледате на овој процес, може ли македонската економија да закрепне и што ќе биде потребно да се преземе?

Десподов: Не би одговарала на ова прашање, не сум ги разгледала внимателно мерките за да можам да анализирам.

Ќе следи процес на враќање на вработените во канцелариите и работните простории по долг период на изолација. Овие чекори ќе донесат со себе и предизвици како за вработените, така и за работодавачите. Што мислите вие, како полесно да се спроведе оваа „транзиција“?

Десподов: Мислам дека најлесен начин да се спроведе оваа транзиција е да се почитуваат мерките за заштита, да се следат препораките, да се презема лична и колективна одговорност, и да сме посветени на колективното здравје и колективното добро.  Како конкретни мерки може да се ограничи присуството на голем број вработени во физичките простории, да се организира работа на смени и работа од дома каде што е можно, да се автоматизираат работните процеси, да се дигитализира  контактот на вработените со клиентите. Важно е од оваа криза да излеземе со здрава и продуктивна работна сила и население, економските индикатори евентуално ќе се нормализираат.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скопските ИТ компании доминираат со направените добивки кај програмерите

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скопските ИТ компании доминираат со направените добивки кај програмерите

ЕКОНОМСКИ НАПРЕДОК: За две децении 10-те „нови членки“ на EУ го удвоија својот БДП

ЕКОНОМСКИ НАПРЕДОК: За две децении 10-те „нови членки“ на EУ го удвоија својот БДП

„Ќе забават инвестициите на германските компании во Македонија“: бизнис климата ја оценуваат како добра, но недостига стручен кадар

„Ќе забават инвестициите на германските компании во Македонија“: бизнис климата ја оценуваат како добра, но недостига стручен кадар

ФАКТОР АНАЛИЗА: Најголеми компании по добивка во Струмица - Панче Заев и Г'на дебитанти

ФАКТОР АНАЛИЗА: Најголеми компании по добивка во Струмица - Панче Заев и Г'на дебитанти

ИЗМАЧУВАЧКО БАВНО ЗАКРЕПНУВАЊЕ: Европската комисија ја намали економската прогноза за Германија

ИЗМАЧУВАЧКО БАВНО ЗАКРЕПНУВАЊЕ: Европската комисија ја намали економската прогноза за Германија

Меѓународните туристи добиваат подобро искуство за патување со преференцијалните мерки на Кина

Меѓународните туристи добиваат подобро искуство за патување со преференцијалните мерки на Кина

ЗА ДОБРА ГОЛТКА ВИНО СТРАНЦИТЕ НЕ ЖАЛАТ ПАРИ, „ТИКВЕШ“ СО ПРИХОД ОД НАД СЕДУМ МИЛИОНИ ЕВРА - еве колку е чистиот профит за три месеци

ЗА ДОБРА ГОЛТКА ВИНО СТРАНЦИТЕ НЕ ЖАЛАТ ПАРИ, „ТИКВЕШ“ СО ПРИХОД ОД НАД СЕДУМ МИЛИОНИ ЕВРА - еве колку е чистиот профит за три месеци

СЕ БЛИЖАТ ОДМОРИТЕ: Уживањето на плажа се плаќа на рати

СЕ БЛИЖАТ ОДМОРИТЕ: Уживањето на плажа се плаќа на рати

АЗЕСКИ НА СРЕДБА СО РАКОВОДСТВОТО НА „КОСТАЛ ГРУПАЦИЈАТА“ ОД ГЕРМАНИЈА

АЗЕСКИ НА СРЕДБА СО РАКОВОДСТВОТО НА „КОСТАЛ ГРУПАЦИЈАТА“ ОД ГЕРМАНИЈА