26 Април, 2024
0.0272

Dictum factum

Објавено во: Колумни 17 Мај, 2016

Добивај вести на Viber

Груевски во неколку наврати има покажано неразбирање на значењето на јазикот, та дури и анимозитет кон вербалното. Не еднаш има изјавено – „доста зборови, време е за дела“, или „тие (опозицијата), само зборуваат, ние делуваме“, „дела, не зборови“, или „не се важни зборовите, важни се „проектите“...и сл. Ова за мене, како философ, на кој зборовите му се алатка, ми е многу симптоматично и да признаам страшно. Особено, како никој не забележува колку ваквиот став е опасен.

За односот на јазикот и политиката е пишувано доста, од Платона, преку Хајдегер, до Агамбен...Колумнава секако не е научен трактат и немаме намера научно да го тематизираме овој однос воеден ваков текст. Сепак ќе се обидеме да го разјасниме значењето и местото и улогата на јазикот во политичкото во светло на овој игнорантски однос на Груевски кон јазикот. Затоа што јазикот никогаш не е независен од дискурсот на моќта. Јазикот во својата перформативност има онтолошка димензија и игнорантскиот однос на Груевски впрочем опредметува една стварност за која верувам и самиот не е свесен.

На фонот на гореспоменатите философи, правени се и емпириски иследувања за односто на јазикот и политиката. Мареј Еделман (Murray Edelman), уште во 70-тите години на минатиот век оваа релација ја утврдува на емпириско ниво. Факт е дека јазикот е составен дел на политичкото, поточно негов суштински дел. Затоа што тој не е само инструмент за дескрипција, ами и самиот е настан, акт што го обликува политичкото. Низ јазикот се обликуваат политичките улоги на субјектите и јавноста, јазикот е конституент на политичката стварност.

Неразбирајќи го значењето на јазикот како политичка алатка, тој несакајќи креира (опасна)политичка реалност. Јазикот по себе никогаш не е онтолошки, а со тоа и политички неутрален и неговата (зло)употреба секогаш е присутна. Во случајов со Груевски заради неговото непочитување на јазикот, тој е несвесен за тоа како, токму низ тоа непочитување и воопшто немање однос кон јазикот, ја конструира политичката реалност. Не сум убеден (како што имаше некои колумни деновиве), дека тој ја разбира политичката и конститутивната моќ на јазикот и дека ги употребува говорните акти од позиција на суверен кој конструира политичка реалност.  Не, тој едноставно не го разбира јазикот како таков, тој воопшто не го разбира јазикот и неговата моќ да конструира политичка стварност. Јазикот кај него не само што е испразнет од својата семиотичка смисла, туку нема ниту когнитивна функција која може да регистрира и актуелизира некаква стварност. Но, третирајќи го како ефемерен, неважен, „неконструирачки“, тој всушност несакајќи, несвесно конструира политичка реалност врз тој игнорантски однос кон јазикот.

Заради овој и ваков однос тој не мисли и дека треба да учествува во дебати, да одговара на (ненарачани), новинарски прашања, да го употребува јазикот како извор и на политичкото, но и на правното. Тој сиот втурнат во своите „проекти“, не чувствува потреба да ги „вербализира“, да ги пушти низ јавниот дискурс. Тој не разбира дека јазикот, изговореното од суверенот го има статусот на „завет“ (Агамбен) и затоа така „ноншалантно“ изговара. Тој не разбира дека говорните акти се конститутивни акти, дека изговореното ја обликува политичката, правната, општествената стварност воопшто.

Не разбира дека - Dictumfactum – изговореното станува факт, создава реалност, конструира политика, политиката живот. Не разбира дека кога ќе рече „некои си таму женски права“, тој креира политика! Не разбира дека кога молчи говорејќи за демолираната канцеларија наЛГБТ заедницата, тој всушност говори против оваа заедница и со тоа охрабрува да се перпетуира насилството и омразата. Не разбира дека јазикот е политички апарат, директен супстрат и конституент на политичката реалност. Јас не сум убеден (како некои од споменатите текстови на истава тема), дека тој е свесен за оваа перформативна и конститутивна улога на јазикот, туку токму заради несвесната и несовесната употреба на јазикот тој конструираше таква реалност.

Доц. д-р Стојанов Трајче

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД