26 Април, 2024
0.0393

Димитров преживеа, следни на листата за политички отстрел Царовска и Николовски!

Објавено во: Македонија 12 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ја „преживеа“ интерпелацијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ по вчерашното гласање во Собранието. Неколку минути пред полноќ со 43 гласа „за“ и 56 „против“, пратениците го отфрлија барањето за разрешување на шефот на дипломатијата.

ВМРО-ДПМНЕ бараше негова интерпелација поради „недомаќинско и нетранспарентно работење и распродавање на националните интереси“.

Пратеникот Антонио Милошоски рече дека Никола Димитров во ниту еден момент од неговиот избор не се ставил во одбрана на државните и национални интереси на Република Македонија, напротив преку договорот со Бугарија ја ставил Македонија во многу понеповолна ситуација.

„Господинот Никола Димитров потпиша договор со Република Бугарија кој што за Бугарија е многу поволен, а за Република Македонија е штетен. Pред Комисијата за надворешна политика промовираше принцип на инклузивност каде што власта и опозицијата ќе работат заедно, а на првата прилика каде што можеше да ја покаже таа инклузивност, без ниеден законски основ го отстрани Александар Николовски кој што ги помина сите процедури да биде амбасадор на Република Македонија во Европската Унија. По однос на регионалната соработка имаме тврдења дека позицијата на Македонија се подобрува во однос на соседите и регионално. Најдобриот одговор на ова прашање го дава средбата одржана на 13 јули во Солун каде што претседателот и министерот за надворешни работи на Србија, премиерот и министерот за надворешни работи на Грција, премиерот и министерката за надворешни на Бугарија имаа триратерална средба на која што разговараа за регионот, меѓу другото разговараа и за Македонија, а Македонија не е присутна. Третата работа е немањето на јасен и конкретен став по однос на темата за мигрантите“, изјави Милошоски.

Поранешниот министер, а сега пратеник Никола Попоски му посочи на неговиот наследник дека неколкуте отворени прашања кои што останале како нерешени кога тој бил министер за надворешни работи, актуелниот министер за надворешни работи и премиерот Зоран Заев сега оставиле да бидат во полза само на бугарската страна.

„Ние долг временски период разговаравме со Бугарија, разгледувавме алтернативи и консултиравме историчари, консултиравме претставници од СДСМ кои за некои од овие прашања имаа најрадикални позиции. Процесот беше во рамките на 5 до 6 отворени прашања и во однос на тие прашања Македонија треба да го заштити својот интерес и Бугарија да го заштити својот интерес, а сега имаме резултат кој што е 6:0 во корист на бугарската страна“, рече Попоски.

Шефот на дипломатијата во одговорот за поднесената интерпелација рече дека е изненаден што е поднесена пред истекот на 100-те дена од изборот на Владата, поточно на 71. ден откако ја презел функцијата министер за надворешни работи и покрај тоа што и претходно само на 34. ден од неговото назначување на 4 јули на покана од претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието реферирал за неговата работа во првите 30 дена.

„Но, од друга страна, можеби е разбирлива ваквата возбуда кај подносителите зошто, сепак, после многу години стагнација и назадување вратите се отвораат и нешто ново и позитивно се случува за РМ, нешто што конечно отвора нови можности и реални перспективи за една поинаква европска иднина“ - рече Димитров.

Мојата идеологија е државен интерес, одговори на обвинувањата министерот Никола Димитров. Договорот со Бугарија не е идеален, но идеален договор никаде не постои, рече тој. Според него полошо е ако една земја има несогласување и со двајца соседи.

Тој посочи дека ги поправа влошените односи кои биле дело на претходното владино раководство и напорно работел да ги заштити националните интереси на Република Македонија со стотина меѓународни средби.

„Ме доведувате во ситуација да се бранам поради успесите на Македонија во надворешната политика, поради тоа што ги поправам односите кои вие ги расипавте, јас сакам вие да сте задоволни, но доколку цената за тоа е неуспешна Македонија која нема пријатели и перспектива тогаш е подобро да не сте задоволни“, рече Димитров.

Опозицијата бара политичка и професионална одговорност од шест министри кои се дел од новата влада. На списокот за интерпелација се и министерката за труд Мила Царовска, министерот за земјоделство Љупчо Николовски, министерот за финансии Драган Тевдовски, како и министрите за култура Роберт Алаѓозовски и за животна средина Садула Дураку. Според документите доставени до Собранието од пратениците на ВМРО- ДПМНЕ, заедничка особина на овие министри е неспособност, неодговорност кон сопствената држава и непознавање на проблематиката која треба да ја решаваат.

Мила Царовска - министер за труд и социјална политика

Интерпелацијата за работата на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска е поднесена поради Стратегијата за мигранти, бегалци и странци 2017-2027 и Акциониот план со кој во 2017 година се предвидени 71 проект за мигранти, странци и бегалци.

Како што изјави Владимир Ѓорчев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, министерката Царовска не ги консултирала граѓаните, ниту општините, за ваков, како што рече, стратешки документ за иднината на Македонија, којшто предвидува проекти со трошоци во милијарди евра во наредните 10 години во делот на сместување, градење згради и населби за мигрантите низ повеќе општини во земјата, како и во делот на вработување и на социјалните програми.

Поднесената интерпелација за работата на Царовска, според Ѓорчев, е со цел таа да дојде во Собранието да ги образложи нејзините проекти и оваа стратегија за да дебатираат за ова прашање.

Љупчо Николовски - министер за земјоделство, шумарство и водостопанство

Интерпелацијата за министерот Љупчо Николовски е поднесена поради пожарите и проблемите на земјоделците. Според ВМРО-ДПМНЕ шумските пожари беа намерно предизвикани од актуелната власт со цел да се сврти вниманието на граѓаните на Република Македонија од погубните политики кои ги спроведува актуелната Влада во досегашниот период. Најодговорен за грижата и заштитата на шумите, според ВМРО-ДПМНЕ, е министерот Љупчо Николовски кој покажал несериозност во пристапот за решавање на проблемот. Интерпелацијата е поднесена и затоа што сметаат дека Николовски ги игнорира земјоделците и не успеал да се справи со проблемот со откупот на земјоделските производи.

„Министерот Љупчо Николовски како најодговорен за грижата и заштитата на шумите согласно Законот за шуми наместо извршување на овласувањата, задолженијата и обврските кои ги има министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство уште од самиот почеток на состојбата со масовната појава на отворени пожари покажа очигледна несериозност во пристапот за решавање на овој проблем. Николовски немајќи капацитет да се справи со настанатата ситуација на терен, дозволи состојбата да ескалира во граници кога е мошне тешко да се контролира и истовремено штетите достигнаа до алармантно ниво“, рече пратеникот Зоран Илиоски.

Драган Тевдовски - министер за финансии

Како клучни причини за поднесување на Интерпелацијата за работата на Тевдовски, според ВМРО-ДПМНЕ се целосно неразвоен ребаланс на Буџетот за 2017 година, значителното намалување на капиталните расходи, засилено и неосновано задолжување на граѓаните на домашниот пазар, зголемување на износот предвиден за задолжување на меѓународните финансиски пазари, непочитување на народните претставници во Собранието на Република Македонија и манипулирање со економски податоци, параметри и индикатори.

„Со Буџетот којшто го изгласа тенкото парламентарно мнозинство се донесе Буџет којшто не гарантира никаков раст, туку напротив ќе доведе до забавување на развојот на економијата што може да доведе до целосна стагнација. Ребалансот на Буџет за 2017 година кој што го предложи Тевдовски е лош за граѓаните, лош е за фирмите, лош е за странските инвеститори, лош е за домашното стопанство, лош е за пензионерите, лош е за градежништвото, лош е за студентите и младите лица, генерално лош Буџет за преостанатиот период од годината за сите претходно набројани категории, освен за луѓето кои веќе ги партизираат институциите т.е. се  вработуваат како резултат на нивното дејствување за потребите на СДСМ“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

Садула Дураку - министер за животна средина и просторно планирање

Интерпелација е поднесена и за министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку. Според ВМРО-ДПМНЕ, македонската јавност со месеци е жив сведок на уништувањето и крајната негрижа и неодговорност за животната средина од страна на новата Влада и министерот Садула Дураку.

„Повеќе од три месеци граѓаните на Струга живеат во канцероген чад, граѓаните на Тетово и Куманово мака мачат со дивите депонии, додека една третина од територијата на Република Македонија е во пламен и се кратат средства од Буџетот за рехабилитација на деца кои биле жртви на загадувањата во нивните средини. За сето ова ниту една институција не смогна сили да им излезе во пресрет на граѓаните бидејќи за Владата и Министертстото за животна средина и просторно планирање приоритет се партиските вработувања и назначување на неспособни и некомпетентни директори и функционери во институциите“, изјави Лилјана Затуроска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.

Роберт Алаѓозовски - министер за култура

И Алаѓозовски се најде на „црната листа“ на ВМРО-ДПМНЕ поради уназадување на културата и културниот развој на земјав, преземање на голем број иницијативи во насока на партизација на културата, селекција и дискриминација на уметниците и културните дејци, не водење грижа за културното наследство, запирања на сите капитални инвестиции во културата.

„Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека со доаѓањето на Роберт Алаѓозовски на функцијата Министер за култура, оваа област во Република Македонија за кратко време од седумдесетина дена го допре дното. Затоа сметаме дека треба што поскоро да си замине од позиција и на негово место да дојде искрена и чесна личност со изграден однос, кредибилитет и грижа кон културното и историското наследство, со почит кон сите уметници и културни работници. Личност која ќе се залага за подобар статус и подобри услови за уметниците, и ќе се грижи за промоција и презентација на културата и уметноста на нашата држава во домашни, меѓународни и светски рамки“, рече пратеничката Ане Лашкоска.

Ј.М.

Можеби ќе ве интересира

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“

Анкетата на МКД.мк и Маркет најпрецизна за првиот круг претседателски избори

Анкетата на МКД.мк и Маркет најпрецизна за првиот круг претседателски избори

Таравари по телефонскиот повик од Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ разбира колку „тежиме“

Таравари по телефонскиот повик од Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ разбира колку „тежиме“

ПОПЛАВА ВО ТОКСИКОЛОГИЈА: Пукнала цевка за парно, поплавени биле повеќе делови на клиниката

ПОПЛАВА ВО ТОКСИКОЛОГИЈА: Пукнала цевка за парно, поплавени биле повеќе делови на клиниката

МАСКИРАН СО „ФАНТОМКА“ ВЛЕТАЛ ВО КАЗИНО СО АВТОМАТСКА ПУШКА - украл над 300 илјади денари, еве ги деталите

МАСКИРАН СО „ФАНТОМКА“ ВЛЕТАЛ ВО КАЗИНО СО АВТОМАТСКА ПУШКА - украл над 300 илјади денари, еве ги деталите

„АРТАН, ТЕРАПИЈАТА ТИ ЈА ПРЕПИШУВА Д-Р АРБЕН, ЌЕ ЈА ПРИМИШ НА 8 МАЈ“: Ганиу му се обрати на Груби

„АРТАН, ТЕРАПИЈАТА ТИ ЈА ПРЕПИШУВА Д-Р АРБЕН, ЌЕ ЈА ПРИМИШ НА 8 МАЈ“: Ганиу му се обрати на Груби

СЛАВЧО ПОПОСКИ ВЕЛИ ВИКЕНДОВ МОЖЕ ДА СЕ ПРАВИ СКАРА: Температурите ќе растат, во недела до 27 степени

СЛАВЧО ПОПОСКИ ВЕЛИ ВИКЕНДОВ МОЖЕ ДА СЕ ПРАВИ СКАРА: Температурите ќе растат, во недела до 27 степени

„СОНЦЕТО ИЗГРЕА И Е УБАВ ДЕН ЗА ТУЖЕЊЕ“: Адвокатот Јанаки ќе го тужи Горан Костовски од Левица

„СОНЦЕТО ИЗГРЕА И Е УБАВ ДЕН ЗА ТУЖЕЊЕ“: Адвокатот Јанаки ќе го тужи Горан Костовски од Левица