03 Мај, 2024
0.0270

Димовски: Македонските земјоделци да ја искористат лојалноста на граѓаните

Објавено во: Агробизнис 16 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Македонските земјоделците треба да го искористат тоа што домашните потрошувачи сакаат да купуваат македонски земјоделски производи, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски. Според него, тие треба да ја искористат и финансиската поддршка за проширување на производството и модернизација на секторот. Во изјава по повод Светскиот ден на храната, Димовски за МИА вели дека и во нашето земјоделство остануваат многу сериозни прашања на кои заеднички треба да се одговори. „Секторот и земјоделците го имаат повторно своето заслужено место во општеството кое сега правично го препозанава нивниот труд. Но, и во следниот период, како и досега, треба да продолжат напорите за издигнување на статусот и состојбата на македонскиот земјоделец на уште повисоко ниво. Тоа е единствено можно преку зголемување на конкурентноста на производството која може да се постигне само со вложување и инвестиции во негова модернизација“, вели министерот. За него подобрувањето на квалитетот и безбедноста на земјоделските производи и храната, маркетингот и пласманот на производите, се приоритетни. Само здружени, забележува тој, земјоделците може да бидат поуспешни на пазарот и да обезбедат реално вреднување на нивниот производ. „Ова е особено важно во нашите, македонски услови каде земјоделците со своите ограничени производни капацитети не можат да произведат доволни количини за индивидуално да настапат на пазарот и во преговорите со откупувачите да обезбедат поволни услови во своја корист. Остануваме посветени на поддршката на земјоделците и производителите на храна во нивните напори за поголемо и поквалитетно производство“, додава министерот. Според информациите од ресорното министерство, производството на храна во Македонија во некои потсектори и гранки бележи пораст, додека во одредени сегменти се одржува на задоволително ниво. Зголемено е производството на ориз кое годинава споредбено со 2008-ма бележи пораст од 64 отсто, како и површините под пченица за околку 1.400 хектари, а родот достигна 280.000 тони што е зголемување од околу 30 отсто во однос на 2012-та. Во делот градинарство, зголемено е производство на пиперки и краставици за околу 8 проценти, додека производството на компир, грав, домат на отворено, кромид и бостан покажува тренд на стабилност во последниве 2-3 години. „Преработените производи овошје и зеленчук се зголемени за 2,5 пати, зголемен е и откупот како резултат на зголеменото домашно производство, од 57,5 илјади тони на 71,8 илјади тони или за околу 25 проценти“, вели Димовски.Тој посочи и дека законска обврска на операторите со храна во Македонија е да имаат имплементирано ХАЦЦП систем, добра хигиенска или добра производствена пракса базирани на ХАЦЦП принципите,што го смета за позитивна мерка. Во светот една третина од светското производство на храна се губи. Според податоците кои беа објавени по повод Светскиот ден, станува збор за 1,3 милијарди тони храна годишно која се фрла. Со една четвртина од неа би можеле да се нахранат 842 милиона лица кои се уште страдаат од глад во светот, се наведува во извештајот од ФАО.

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?