Димовски праша кој го потпишал извештајот за ребаланс, Џафери даде пауза
Објавено во: Македонија 28 Јули, 2017
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска на почетокот на продолжението на 5-та седница побараа информација од спикерот, Талат Џафери кој синоќа го потпишал Извештајот од амандманската расправа за ребалансот на Буџетот на Комисијата за финансирање и буџет затоа што тоа не го сторила претседателката Лилјана Кузмановска, како што е пропишано со Деловникот.
За информацијата да биде доставена до нив Димовски побара еден час пауза.
Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека овој Извештај не е потпишан од претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, туку по нечија иницијатива е потпишан од други пратеници, спротивно на член 128 став 6 од Деловникот за работа на Собранието.
„Таквиот документ веќе е или многу наскоро како официјален документ ќе биде препратен веројатно од ваша страна до Владата на Република Македонија, за Владата да процесуира постапка за дополнет предлог на Буџетот. Бидејќи овој член е прекршен Собранието постапува надвор од овој член, барам од вас да ни доставите прецизна информација во врска со ваквата состојба, кој го потпишал тој Извештај, по можност пред да го доставите до Владата за да се усогласиме како ваквото прекршување да биде третирано од ваша страна и од пратениците во Собранието“- рече Димовски.
Џафери го прифати барањето за пауза, но објасни дека ребалансот на Буџетот не е на дневен ред на оваа седница и дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараната информација ќе ја добијат кога ќе се расправа по оваа точка.
Собранието денеска треба да ја продолжи работата по три седници на чиј дневен ред се Извештајот за работата на Агенцијата за администрација, именување на заменици на генералниот секретар на Собранието, а потоа и 5. седница на која се расправа за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлески, која беше прекината пред десетина дена поради почетокот на комисиската расправа за ребалансот на Буџетот.