Добил решение да не и се приближува на сопругата, но ја грабнал уште на паркингот пред скопскиот суд
Објавено во: Македонија 28 Мај, 2022
Осомничен во четвртокот завршил во притвор за нанесување телесна повреда на својата невенчана сопруга и неизвршување на судска одлука со забрана да не и се приближува, соопшти Основното јавно обвинителство.
Насилникот веднаш по судската расправа и објава на пресуда против него за семејно насилство во Основниот кривичен суд Скопје, физички повторно ја нападнал неговата поранешна вонбрачна сопруга. И покрај тоа што со претходно правосилно судско решение му биле изречени мерки за забрана за приближување на оштетената, тој ја пресретнал на паркинг простор во близина на Судот, започнал да ја влече за рацете, ја фатил за вратот и започнал да ја дави, нанесувајќи и видливи повреди. Потоа ја навредувал и и се заканил дека со себе носи нож, со што ја присилил да влезе во нејзиниот автомобил.
Оштетената, исплашена и испаничена во тој момент, влегла во автомобилот, а осомничениот веднаш по неа влегол и седнал на задните седишта. Тој и наредил да го стартува автомобилот и да вози кон неговото живеалиште, заканувајќи и се дека таму ќе ја силува. И ги зел нејзините мобилни телефони и нејзината чанта, за оштетената да не повика полиција, па ја влечел за косата, упатувајќи и закани по животот.
Осомничениот веднаш бил спроведен во притвор со цел да не избега или да не го повтори делото.