Дојдете и инвестирајте во Западен Балкан-Порака од КИФ на „Конкордија 2019“
Објавено во: Мои пари 01 Октомври, 2019
Претседателот на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), а воедно и претседател на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, на овогодинешниот самит „Конкордија 2019“, којшто се одржа во Њујорк, САД, на 23.9.2019 година, ги покани најголемите глобални корпорации и светски бизнис лидери да дојдат и да инвестираат во Западен Балкан.
„Ги поканувам оние кои се заинтересирани за партнерства, заинтересирани да го видат регионот како расте и се развива, да не` контактираат и да не` посетат“, изјави Чадеж во име на регионалната деловна заедница пред влијателни лидери на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор од целиот свет, за време на пленарната сесија на Самитот, пред повеќе од 600 учесници и 300 говорници.
Коморскиот инвестициски форум WB6, кој спојува шест комори од Западен Балкан, со 350.000 компании-членки, како што посочи Чадеж, е посветен на ребрендирање на регионот и негова презентација пред светот, како добро место за вложување и инвестирање што гарантира профит на инвеститорите.
„Пронаоѓаме заеднички основи и интереси и размислуваме за иднината на нашите деца, повеќе отколку на работите што не` раздвојуваат“, истакна Чадеж.
„Како корисна алатка воспоставивме заедничка „он-лајн“ платформа за инвестирање, со сите потребни информации за заинтересираните страни за инвестирање и водење бизнис во регионот, како и упатства за владите за подобрување на деловната клима“, продолжи тој, презентирајќи ја новата слика на регионот, кој, од област на лоши вести и конфликти, станува регион на успех, заеднички интереси и заедничка иднина, потенцирајќи го тоа со следната изјава:
„Овогодинешниот Самит на една од највлијателните „тинк-тенк“ организации во Америка, што се одржа во периодот на одржувањето на Генералното собрание на ООН, присуствуваа сегашни и поранешни шефови на држави и влади, конгресмени и парламентарци, претставници на меѓународни бизниси, реномирани универзитети и институти, американски и светски медиуми, вклучувајќи сопственици, партнери, претседатели и менаџери на моќни глобални корпорации од различни индустрии, како што се Google, Microsoft, IMB, Coca Cola, PepsiCo, Merck, Walmart, Libra Group, Siemens, Vodafon, Telenor, Medical Care , Uber, KPMG, Citi Bank, Goldman Sachs, Credit Suisse, Western Union, Mastercard, Walt Disney…“