07 Мај, 2024
0.0228

Домашната пченица чека во амбарите да дојдат подобри времиња

Објавено во: Агробизнис 03 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Пелагониските земјоделците од најголемата житница во земјава, , стравуваат дека пченицата годинава ќе им остане неоткупена. Според нив, житото наместо по силосите во мелниците, им лежи по амбарите, гаражите и на нивите. Земјоделците од пелагониско реагираат дека откупот на пченицата се одвива со слабо темпо и по ниска откупната цена. Поради ваквите состојби, мал дел од родот е откупен, а големи количини жито се останати по нивите или складирани по амбарите. Досега неоткупена остана повеќе од половина од годинашната реколта на жито во најголемата житница во земјава. Во Министерството за земјоделство велат дека ниту еден килограм нема да се увезе ако не се откупи домашното жито. Земјоделците во паника, не знаат што да прават со пченицата. „Откуп има на диво. Доаѓаат трговци од Албанија и ги откупуваат житото и јачменот за по 12 или 13 денари. Парите ни ги даваат на рака, но без документи. Некои го предаваат родот зашто секое чување на житото чини пари. За да се складира, потребни се вреќи, работна сила. Секое поместување на еден тон жито чини 200 денари. Со тоа се зголемува цената. Kолку повеќе житото ни седи по амбарите и гаражите, толку повеќе е оптоварено со давачки - рече Бошко Стрезовски, земјоделец од Гермијан, пишува „Дневник“. . Жетварите реагираат дека мелничарите не ја почитуваат договорената откупна цена со Владата од 14 денари за килограм, па даваат 3 денари помалку. „Има луѓе кои го складираат дома житото, но и онакви кои жнеат и нема каде да го носат житото, па е по нивите. Досега нивите требаше да бидат ожнеани, но не одговара цената. Владата донесе некоја цена да се откупува по 14 денари, но не се откупува по таа цена, туку по 11 денари. Во Егри има 600 тона, ако се откупени 20 до 30 тони, другото сè лежи по гражите и повеќе од пола е на нива“, изјави Павле Митревски, преставник на земјоделците од село Егри, едно од најплодните со пченица, пишува „Р.С.Европа“. Дел од мелничарите објаснуваат дека сè уште имаат залихи со пченица увезена од Србија. Во вакви услови не можат на земјоделците да им ја исплатат договорената цена. Има и млинари кои плаќаат по 12 денари од килограм за примено жито или 14 денари доколку земјоделците прифатат да им биде платен родот во септември. Заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски деновиве изјави дека по нивни проценки, половина од годинешната реколта на пченица не е откупена и побара млинарите да имаат пофер однос кон земјоделците. „90 проценти од жетвата е завршена. 40 проценти од пченицата веќе е во силосите, останува уште добар процент околу 50 проценти пченица да се откупи од мелничката индустрија. Ние како Влада направивме сè за да ги заштитиме земјоделците, но од друга страна очекувам и мелничарите да имаат пофер однос кон земјоделците и за брзо време да ја откупат пченицата која сè уште не е откупена“, вели Коњановски.