04 Мај, 2024
0.0247

Досие “Фершпед“: Што се крие зад конфликтот меѓу Кираца и Штерјо?

Објавено во: Анализа 02 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Кираца Трајковска – потпретседател на Надзорниот одбор на Фершпед, а во суштина вечно вториот човек во оваа компанија, со писмо што го објави деновиве, влезе во отворен конфликт со Штерјо Наков – формално нејзин шеф во Надзорниот одбор, а реално алфа и омега на оваа фирма.

Таа со јавно известување ги повика сите акционери и вработени во Фершпед, во конечна пресметка со семејството Накови. Обелодени дека поднела барање за вонредно собрание на Акционерското друштво “Фершпед“, поради “негативниот тренд во работењето и своевидното нестручно и незаконско работење на одредени членови на Управниот и на Надзорниот одбор, за да се сопре процесот на континуирана пресија врз вработените, неосновано казнување, како и да се  создадат услови на здрава и нормална работна средина со цел да се зачува имотот на друштвото и лично да се иземам од одговорноста пред акционерите и пред законот за негативните трендови, состојби и дејства во друштвото, на кои веќе подолг временски период укажував“, пишува Трајковска во отвореното писмо, со кое практично најавува вистинска војна во расчистувањето на сметките.

И, дополнува дека според јавувања што ги добила од некои акционери, врз нив се вршел невиден притисок да потпишат бланко полномоштва со кои управувањето на акциите би се пренело на семејството Накови. Поради тоа, како што самата информира, Трајковска вчера (недела) отишла во седиштето на Фершпед за лично да ја испита состојбата, но како што кажува, била спречена од обезбедувањењето на компанијата, по што заминала во полиција. Според информациите што се појавија во одредени медиуми, Штерјо Наков за денеска најавил одговор на обвинувањата од Кираца Трајковска.

Што се случуваше со Војводинска банка?

Отвореното писмо и обвинувањата кон Наков се само кулминација барем досега, на се она што се случуваше во последните неколку дена со Фершпед. Јавноста, барем онаа што детално ги следи берзанските случувања, се заинтригира кога пред половина месец беа продадени 5,6 проценти од акциите на компанијата, во блок трансакција вредна 1,3 милиони евра. Продавач на акциите – “Истинвестор лимитед“ – фонд регистриран на Британските Девствени острови. Купувач – Војводинска банка од Нови Сад. Постигната вредност – 30% повисока од тогашната пазарна цена на акцијата. Колку за информација – сопственик на Војводинска банка е Националната банка на Грција со 99,4 % од акциите. Инаку, НБГ е доминантен сопственик и на акциите на Стопанска банка – Скопје.

Познавачите на приликите во оваа компанија велат дека ривалството меѓу првите двајца луѓе на Фершпед трае неколку години. Особено откако Наков својот акционерски пакет, а со тоа и раководната палка во компанијата го префрли на синовите – Драган и Сашо. Според последните податоци за сопственичката структура на Фершпед – Драган Наков поседува 11,83 отсто, а неговиот брат 11,04. Кираца Трајковска е трет најголем поединечен акционер со 10,63 отсто. Штерјо Наков сега поседува 1,43 отсто од акциите.

Кој е Фершпед?

Кој е Фершпед? Хронологијата на настаните вели дека од едно ООЗТ во огромната Работна организација Железница со 50-тина вработени, кажано според некогашната бизнис систематизација,  за две децении израснува во бизнис империја со над 700 вработени. Компанија која беше трн во окото на Владите водени од ВМРО-ДПМНЕ, прво од  Љубчо Георгиевски, а потоа и Никола Груевски.  Честопати видни политички првенци од оваа партија, Фершпед ја посочуваа како синоним за сомнителна приватизација. Беа стартувани неколку судски процеси за нејзино преиспитување, но јавноста ниту еднаш не дозна каква е нивната разврска.

Во меѓувреме, компанијата го прошири својот бизнис – прво во хотелиерство – го отвори луксузниот Александар Палас, ги презема Метропол хотелите, како и некои други објекти во неколку туристички центри. Потоа и во винарството – Сковин стана втора најголема винарска визба по Тиквеш во Македонија. Едно време и игрите на среќа – лото, бинго, како и дел од спортските обложувалници работеа под капата на Фершпед. Во медиумскиот бизнис влезе како сопственик на дневниот весник “Вест“, но како главен влог во оваа сфера се смета отворањето на телевизијата “Алфа“ во 2008 година во која го имаше доминантниот удел со 56 отсто од капиталот. Неполни две години подоцна Фершпед имаше неуспешни преговори за продажба на телевизијата на ТВ “Пинк“ на Жељко Митровиќ. На крајот од минатата година ТВ “Алфа“ ја менува сопственоста. Фершпед го продава својот дел на српската компанија “Комтрејд“. Чаршијата уште тогаш шпекулираше – дека заради мир во куќа, читај заради продолжување на бизнисот, за компанијата беше неопходно да ја продаде телевизијата чија информативна програма дотогаш беше критички настроена кон власта.

Штерјо меѓу “дванаесет апостоли“ 

Штерјо Наков пак, кој на почетокот на 90-тите години од минатиот век, беше дел од т.н. “дванаесет апостоли“ на македонската економија, како што тогаш ги нарекува директорите на најмоќните претпријатија во државата од кои зависеше растот или падот на стопанството, години наназад редовно беше вбројуван во еден од најголемите бизнис играчи. Магазинот “Форбс“ го впиша во друштвото на најбогатите Македонци, со милионски капитал.

Токму затоа, нема да биде изненадување јавноста внимателно да ја следи развојот на настаните во “Фершпед“. Станува ли овде за штитење на бизнис интересите на компанијата од едната или од другата страна. Или, пак, своите прсти ги вмешала политиката.

Последното тргување со акциите на “Фершпед“ на берзата се случи во петокот минатата недела. Беа продадени две акции по 66.111 денари за акција. Што беше значаен пораст на цената во однос на претходните тргувања. Пазарната капитализација на компанијата во петокот изнесуваше 19,5 милиони евра.

Ф.Л.

фото: преземено од Мој Новац.нет

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад