30 Април, 2024
0.0251

Досие: Јованка Броз, прва дама на СФРЈ!

Објавено во: Анализа 21 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Како непосреден сведок на целата турбулентна епоха во историјата на Балканот, таа беше предмет на огромно регионално медиумско интересирање. Јованка се држеше во екстремна повлеченост и ретко даваше интервјуа. Според информациите, Јованка живеела во релативна сиромаштија, откако во 2006 година владина комисија на Србија открила дека нејзиниот стан во Белград не бил одржуван од нејзиното апсење во 1980 година.

Јованка Будисављевиќ е родена на 07 декември 1924 година во село Печане, во Лика, од татко Мичо и мајка Милица како второ дете во семејството. На 17 години станала член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија. Во 1943 година за време на втората светска војна е ранета во ногата и заболува од тифус. Истата година починал нејзиниот брат Максим, како и нејзиниот татко. На 21 година добива два ордени за храброст, а исто така е носител и на Партизанска споменица во 1941 година. Јосип Броз Тито го запознала за време на германскиот десант на Дрвар во 1944 година.

Како младата партизанка од Лика стана жена на југословенскиот комунистички водач не е сосема јасно

Според една верзија, веднаш по завршувањето на Втората светска војна, министерот за внатрешни работи Александар Ранковиќ побарал од своите републички потсекретари да му испратат група на проверени девојки за работа во кабинетот на Маршалот. Од околу 50 кандидатки, Ранковиќ наводно одбрал пет девојки и лично ги претставил пред Тито, на кого пак најмногу му се допаднала 24 годишната Јованка Будисављевиќ. Оваа верзија ја потврдил и генералот Ѓоко Јованиќ, кој бил на чело на југословенската контра - разаузнавачка служба.

Друга верзија тврди дека Јованка ја одбрал Иван Стево Крајачиќ, тогашен повереник на Народниот комесаријат за внатрешни работи за Југославија и оттаму веројатно излегува и приказната која ја прикажува Јованка како советски шпион.

Следната верзија, овој пат од поранешниот генерал на ЈНА, Марјан Крањц, според кого Јованка уште од 1945 година била во кабинетот на Тито, како хигиеничарка, задолжена за храната и чистота. После смртта на големата љубов на Тито, Даворјанка Пауновиќ во 1946 гдоина, Јованка според Крањц, станала лична секретарка на Маршалот. Така, шест години до 1952 година Јованка била член на Титовото опкружување во недефинирана улога љубовница или секретарка или член на послугата.

Различни ставови за нејзиното влијание врз Јосип Броз Тито

Според Милован Џилас еден од водечките членови и идеолози на комунистичкото револуционерно движење, Јованка немала влијание на Тито кога тој носел одлуки, а времето најмногу го поминувала грижејќи се за домот и својот споруг. Но, генералот Крањц, тврди дека Јованка веднаш по стапувањето во брак почнала со сплетки, па дури и дека имала државнички амбиции, иако немало понудено докази за ваквите клевети. Сепак, ниту Џилас не бил без критики спрема Јованка, но тие се многу малку сериозни.

Односите на брачниот пар почнале да се нарушуваат во раните 70-тите години на минатиот век. Нивниот однос станал тема и на остри политички расправи. Јованка тврдела дека се обидувала да го заштити својот сопруг од разните агенти, бидејќи десет од неговите единаесет државни секретари (министри) ги сметала за некакви агенти. Нејзините противници пак го тврделе спротивното дека токму Јованка е таа која работи против својот сопруг.

Во средината на 70-тите години Тито ја напушта Јованка

До половината на седумдесетите години, Јованка уште повеќе се оддалечила од Тито, кој во тоа време бил скоро во целост под влијание на Стане Доланц и Митје Рибичиќ.

Во текот на 1975 година, таа не била присутна не некои од Титовите меѓународни посети, а почнале да кружат и гласини дека често се распрвале. Во април 1975 година, Тито ја напуштил нивната резиденција на Ужичка 15 и сам се преселил во Белиот двор.  Јованка последен пат е видена во јавноста на 14 јуни 1977 година, на официјален прием за премиерот на Норвешка. Подоцна тоа лето е упасена под сомнителни околности. Немало официјално известување за нејзиното апсење кое наводно го наредил самиот Тито. Не се видела со Тито во последните три години од неговиот живот. На кратко се појавила во јавноста за време на погребот на Тито на почетокот на мај во 1980 година.

Во сите државни објави и новинарски извештаи е напишана како Титова водовица. Иако, сите знаеле за нивната брачна состојба, сепак официјален развод никогаш не се случил.

По смртта на Тито, почнал пеколот за Јованка

На 27 јули 1980 години, скоро три месеци после смртта на Тито, луѓето од тајната служба влегле во нејзиниот стан на Ужичка 15. Имотот на Јованка бил конфискуван, а таа присилно е преселна на Булеварот на мирот 75, каде била во куќен притвор. На нејзината помлада сестра Нада, која била присутна додека се тоа се случувало им се заканувале со смрт доколку каже на било кого што видела.

Во декември 1985 година во отворено писмо до пратениците на Сојузното собрание, Јованка опишала се што се случило.

Од тогаш Јованка живееше повлечено. Во интервју кое го дала во 2003 година негирала дека Тито е одговорен за тоа што и се случувало, велејќи дека тој направил се за да и го спаси животот. Во истото интервју истакнала дека Стане Доланц и генералот Љубичиќ се главните виновници зошто била на ивица на провалијата кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години од минатиот век. Вдовицата Јованка беше без лични документи од 1980 година, кога почина Тито. Јованка Броз после 30 години доби лична карта и пасош, а документите и ги додели лично минстерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ на 06 јули 2009 година.

Српската влада денес одлучува каде ќе биде погребана

Во февруари 2013 година Јованка Броз пријавила кражба во куќата на Дедиње во која живеела и од која биле украдени бројни драгоцености.

Јованка, која со години живееше во изолација, била тешко болна од рак, но јавноста за тоа дозна дури на 23 август кога  во сериозна здравствена состојба беше примена во Ургентниот центар во Белград. Почина на 20 октомври 2013 година во својата 89 година од животот..

Владата на Србија денес одлучува дали Јованка Броз ќе биде погребана до нејзиниот сопруг во "Куќата на цвеќето" на Дедиње.

М.И.