29 Април, 2024
0.0260

ДОСИЕ медицинска опрема: реформи во здравството или легло за сомнителни тендери?

Објавено во: Анализа 13 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Најавуван како еден од најамбициозните проекти на владата, набавката на нови апарати и опрема во здравството не престанува да предизвикува и негативно внимание во јавноста. Во последниот скандал кој го обелодени СДСМ, компанија регистрирана на мајката на уредничката на Сител и Вечер Ивона Талевска, од Министерството за здравство добила тендер вреден повеќе од еден милион евра за набавка на рентген апарати. Министерот за здравство Никола Тодоров се огласи на обвинувањата, вели тендерот бил законски, но некои подоцнежни одлуки му буделе етички сомнежи, па најави проверка на целата постапка. Сега откако набавката на медицински апарати повторно се актуелизира, Фактор реши да истражи, колку пари се дадени за тендерите за набавка, но и за придружните елементи како монтажи и проекти. Прв пат проектот за набавка на медицинска опрема владата го најавува во 2007 – та година, кога министер за здравство е Имер Селмани. Тогаш се соопштува дека за таа намена ќе бидат потрошени 40 милиони евра. Сепак година во година, сумата се менува, па така како следен чекор следниот министер за здравство Бујар Османи сумата ја крева на 68 милиони, евра, за на крајот владеачката ВМРО – ДПМНЕ јавно да се пофали, дека за набавка на медицинска опрема се инвестирани 100 милиони евра. Како расте сумата за набавки така со години растеа и прашањата и недобиените одговори на дилемите, колку пари од 100 – те милиони досега се платени на добавувачите, во кои се установи се поставени апаратите, зошто постои огромна разлика во платените цени за апаратите, и цените достапни во регуларна продажба. За овие прашања од надлежните се добиваат само парцијални одговори, на пример се потенцираат здравствените установи каде е поставен одреден апарат, но нема систематска слика на установите во кои може да се види целата опрема. Големи тендери, многу прашања, малку одговори Главната набавка на медицинската опрема се прави во два големи тендери, едниот распишан во 2007 година, а другиот во 2010 – тата. Според плановите се набавуваат апарати за компјутерска томографија, магнетна резонанција, дигитални мамографи, акцелератор за зрачна терапија, дензиометри, центар за позитивна емисиона томографија, нови инструменти, операциони маси, ламби инкубатори, ехо-системи, гастроскопи, респиратори, ендоскопи. Во Февруари 2010 – тата тогашниот министер за здравство Бујар Османи ги потпишува договорите за набавка на овие апарати со компаниите "Симед интернешнал" од Холандија, "Папапостулу лимитед" од Грција и со "Шиматсу ДОО" од Хрватска. Тогаш министерот Османи вели дека опремата се набавува за цена од 68 милиони евра, и ќе се плаќа во наредните 4 години, или до оваа 2014. Османи тогаш објаснува дека првично планираната сума од 40 милиони евра, се должи на дополнувањето со опрема за новата скопска Градска болница, како и поради одлуката опремата да се плати на четири годишни рати, а да биде испорачана веднаш". Колку од дополнителните 28 милиони евра се должат на опремата за Градската болница а колку се камати за плаќањето на почек, јавноста никогаш не дозна. Од јавно достапните податоци се знае дека од големиот тендер за навка на медицинска опрема веќе се набавени компјутеризирани томографија за повеќе болници во РМ, апарати за магнетна резонанца, ангеографи, кардиолошки ехо апарати, гинеколошки 4 д ехо апарати, апрати за анестезија, инкубатори, хируршки маси и други апарати и инструменти. А токму и набавката на скапите медицински апарати предизвика и еден од најжестоките напади на опозицијата врз власта, во кој се вели дека апаратите се претплатуваат и се плаќаат по дупло повисоки цени од реалните. Па така СДСМ тогаш обвини дека Ангиограф се купува од  од фирмата "Шиматсу ДОО" за 820 илјади евра, Магнетна резонанца за 1 милион и 380 илјади евра, Компјутеризирана томографија за 900 илјади евра и 40 ултразвучни апарати за над 5 милиони евра. Овие цени според СДСМ се 60 до 100 % поскапи од пазарните. Во одговорот до опозицијата министерот Бујар Османи во чие време се врши и најголемиот дел од постапките и набавките на новите апарати се вели дека  не може да се споредува цената на два апарата само поради името. Тоа според Османи е како да се споредува фиќо и мерцедес, бидејќи цената на современ апарат произведен во 2009 година се споредува со репариран, и не може да се спореди цена на апарат кој што се плаќа кеш и цена одложена на 4 години. Што вели Бирото за јавни набавки Истражувањето за количините и цените на набавената медицинска опрема Фактор ја продолжи во Бирото за јавни набавки, каде би требало да се евидентирани сите големи тендери, договори и набавки на Владата и Јавните здравствени установи. Од страниците на бирото СДСМ ја објавува и сумата од милион евра за набавка на рентгени договорена за компанијата во сопственост на мајката на Ивона Талевска. Тука се наоѓаат дел од договорите за набавка на опрема и изведување на градежни работи со цел на поставување на апаратите. Па така на 7 Март, 2011 – тата битолската компанија „Иванов инжинеринг“ која е позната по надзорот на изградбата на болницата во Охрид, каде изведувачот направи спрат еден метар понизок од проектираното, добива работа за изработка на проектна документација за изградба на објект за позитронска емисиона томографија – ПЕТ центар, за цена од 153 илјади евра. За стручен надзор при изградбата ПЕТ Центарот “Евро консалтинг” од Скопје добива 115 илјади евра, додека за изведба на градежните работи австриската “Страбаг” добива 6 милиони и 197 илјади евра. Во Јуни 2011 – тата скопската компанија “Фармас МН” добива тендер за набавка на гинеколошка опрема и апаратура Градската општа болница 8-ми Септември и Ендоскопски систем за клиниката за трауматологија, вреден 762 илјади евра. Во истиот период се јавува и една од компаниите најавени со големиот тендер, хрватската “Шиматсу доо” ја добива набавката на два Ангиографи за потребите на Универзитетска клиника за Кардиологија - Скопје и Клиничка болница – Штип по цена од 1 милион 876 илјади евра. Како набавувач на скапиот Ангеограф се јавува и скопската фирма Лабтех ДООЕЛ која за таа цел добива 823 илјади евра. На крајот на 2012 – тата холандската компанија Симед склучува договор за набавка на 2  линеарни акцелератори за болниците во Битола и Штип за цена од 2 милиона 756 илјади евра. Како интересни моменти е што на страниците на Бирото за јавни набавки не се сретнува компанијата "Папапостулу лимитед" од Грција која е најавена со првичниот тендер, и податокот дека за рекламните спотови за новата опрема се потрошени 600 илјади евра, за кои според платените цени на опремата можел да се купи на пример уште еден Ангеограф. Набавки и вон тендерот од сто милиони евра Владата и Министерството за здравство набавуваат и дел од медицинската опрема и апаратите и вон големиот тендер кој порасна на 100 милиони евра. Па така 70 – те новите возила за итна помош кои се платени 4,5 милиони евра не се дел од тендерот. Исто така деновиве Министерот за здравство Никола Тодоров објави набавка на три апарати за компјутерска томографија, два акцелератора, по еден ангиограф, мамограф и дигитален рендген апарат за цена од 6 милиони евра. И оваа набавка според Тодоров не е дел од големиот тендер. Дел од лекарите и од познавачите освен за цената на набавените апарати досега предупредуваа и на непланското купување на опрема, од која дел нова сеуште не е монтирана, поради различни причини. Исто така се предупредува на недостатокот на кадар за ракување на опремата, познавајќи го фактот дека речиси сите градови од внатрешноста имаат недостаток на специјалисти. Но овие сегменти се веќе, друга приказна. С.Р.