ДПМНЕ ги негира тврдењата на Алити - Никогаш не сме дале писмени гаранции на ДУИ
Објавено во: Македонија 15 Февруари, 2017
ВМРО-ДПМНЕ категорично ја негира изјавата на Рафиз Алити од ДУИ дека им доставиле писмени гаранции на „интегративци“ дадена за Телевизија Телма.
- Никогаш не биле побарани ниту, пак, се дадени некакви гаранции од страна на ВМРО-ДПМНЕ кон ДУИ. Разговорите што ги водеше ВМРО-ДПМНЕ беа на принципиелна основа тргнувајќи од интересите и определбите на партијата. Во повеќе наврати објаснивме зошто не дојде до договор, но за некакви гаранции побарани од ДУИ воопшто не стана збор. Впрочем и од ДУИ знаат дека доколку ВМРO-ДПМНЕ даде согласност околу нешто, тоа се реализира.
Претходно Алити посочи дека ВМРО-ДПМНЕ се согласиле со сите барања од Платформата на албанските партии, освен со продолжување на мандатот на Специјалното обвинителство. Според Алити, токму продолжувањето на мандатот на оваа институција било главна пречка двете партии да не можат да се договорат за владина коалиција.