Џолев кој беше во конфликт со Панчевски е нов претседател на Кривичен
Објавено во: Македонија 08 Ноември, 2017
Судијата Иван Џолев е нов претседател на Кривичниот суд-одлучи Судскиот совет на денешната седница.
За него гласаа 11 членови на Советот, а двајца беа против. Џолев беше судија во кривичниот суд осум години и два месеци.
Џолев претходно беше актуелен во јавноста со кривичната пријава која ја поднесе против Панчевски како поранешен претседател на кривичниот суд за влијание врз судија за да преземе одделни незаконити дејствија. Панчевски исто така поднесе контра тужба против Џолев за лажно пријавување на кривично дело. Конфликтот меѓу двајцата судии траеше подолго време.
Да потсетиме и дека во трка за нов претседател на Кривичен се кандидираа и судиите Владимир Панчевски, Ивица Стефановски, Верка Петковска, Осман Шабани, Ѓоко Ристов и Весна Димишкова.
Судијата Оља Ристова ја повлекла кандидатурата за претседател на Скопскиот кривичен суд, информираа на седницата на Судскиот совет.
Претходно беше констатирана оставката на в.д. претседателот на Скопскиот кривичен суд Стојанче Рибарев кој, како што беше речено на седницата, оставката ја поднел поради здравствени причини, односно хируршка интервенција.