16 Мај, 2024
0.1506

Единиците од екстерното тестирање ќе влезат во свидетелствата! Како понатаму?

Објавено во: Анализа 09 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Ектерното оценување за матурантите заврши. Некои задоволни, а некои сеуште неможат да се соземат од негативните оценки – единици кои треба да влезат во општиот успех и во свидетелствата. Од утре до среда, незадоволните ученици кои сметаат дека има пропусти во нивното оценување, ќе можат со приговори да реагираат на оценките. Од ресорното министерство велат дека дополнително ќе се утврдува како и колку од нив ќе бидат прифатени. Досегашните резултати покажаа дека близу 2600 тестови биле оценети со единици. За дел од стручната јавност е нејасно како овие оценки ќе влезат во општиот успех. Сметаат дека оценките се незаконски и со нив се кршат законот за основно и средно образование, а дека ќе има директна штета за матурантите, особено оние кои планираат да го продолжат своето школување на некои од високообразовните институции во земјава и надвор. Единиците во свидетелствата според експертите се незаконски! Според универзитетскиот професор Солза Шопова Грчева, целиот модел на екстерно тестирање - оценување предизвика страв и хаос во спроведувањето и во оценувањето. Вели, дека додека минатата година имаше затворени прашања за екстерните тестови, оваа година тие беа отворени за учениците и потривијални од очекувањата, а со спуштање на прагот на оценување од една крајност се отиде во друга. Тоа смета дека дополнително даде лажна слика за објективноста на оценувањето. “Објавени се 2600 единици кои ги добиле учениците во овој круг на екстерно тестирање.Прво, не може да се изведува полноправна оценка на половина материјал. Второ и најважно, во свидетелствата на учениците после првиот круг минатата година, се запишуваа оценки недоволен (1) кои ги добиле на екстерното тестирање, со што нивното свидетелство стана невалидно. По Член 45 од Законот за средно образование, единица е непреодна оценка. И не е важно кој ја дал таа оценка, дали наставник или комисија. Таквите ученици се оштетени бидејќи не можат да ги нострифицираат свидетелствата и да го продолжат образованието надвор, ниту пак можат да бидат запишани на универзитет, кој ако прими такви ученици, исто така ќе го прекрши законот. Според тоа, заклучокот е јасен. Оценките не смеат да се внесуваат во свидетелствата или дипломите на учениците”-вели професор Шопова-Грчева. Дел од експертската јавност реагираше дека од самото започнување на овој проект, во него се вградија голем број на сериозни системски и технички пропусти. Ваквиот дефектен проект,според нив, но и парцијален, не смее да биде основа за казнување на наставниците, ниту пак за оценување не учениците. Тој отсликува само еден мал сегмент од целокупниот образовен процес кој е сложен и како таков, може да послужи само како индикатор за начинот на оценување, но без последици по чинителите во процесот. Негативните оценки - демотивација и санкција за дел од матурантите Според д-р Диана Белевска, декан на Факултетот за психологија на Меѓународниот Славјански Универзитет “Г.Р. Державин“, екстерното оценување треба да претставува супервизија на знаењето на учениците и на професорите, но и мотивација за подобри успеси. Во периодот на адолесценција, вели е најважна мотивацијата за понатамошен избор за едукација кој треба да е поврзана со сигурност . Ваквото оценување од екстерното тестирање на интелектуалните потенцијали на учениците, особено оние кои ќе бидат оценети со негативна оценка, значи дестимулација и нивно санкционирање. “Во ера на семејни, лични и општествени проблеми наместо на решавање доаѓаме до создавање на проблемите. Децата се тие кои треба позитивно да ги конотираме, а не да ги санкционираме. Покрај тоа доаѓаме и до друг проблем, бидејќи не е ист критериумот за руралните и градските средини, бидејќи токму во руралните средини нема можности за успешно решавање на тестот од аспект на компјутери . За целосно да се имплементира овој процес треба да се овозможи баланс на интелектуалните знаења. Недостасува програма која целосно ќе ги стимулира учениците, во случајов матурантите, да покажат подобри резултати, но со континуирано оценување и проверување на знаењето. Негативните оценки –единиците од тестовите ќе бидат само дестимулација за голем број на учениции за изборот на нивната идна професија. Вака само ги санкционираме на пример со незапишување на одреден факултет или понатамошно надоградување кон некоја конкретна област и професија и полесно ги оставаме за склоност кон детсруктивни појави”-вели д-р Белевска. Новковски: Екстерното оценување да се укине! Оценувањето врз основа на оценките од екстерното тестирање според поранешниот мин истер за образование и наука Ненад Новковски нема правна основа .Во многу европски закони, според него, експилицитно е напишано дека екстерното не смее да се користи за ништо друго освен за дополнителна проверка, таму не смеат да објавуваат ниту дека тоа училиште се рангира врз основа на екстерното тестирање. Тој смета дека лошо спроведениот проект екстерно тестирање, треба да биде повлечен и укинат, а за проверка на знаењата да се најде нов соодветен модел кој нема да ги оштети ниту наставниците, ниту учениците, а уште помалку преку казни и санкции да се заплашува наставниот кадар. “Со негативните оценки од екстерното тестирање се прави директна штета за матурантите кои треба да бидат подложни на уште еден своевиден тест-државната матура. Единицата како негативна оценка не смее да биде прифатена рамноправно како другите оценки и на учениците мора да им се даде можност за повторно полагање. Вака на овој начин се кршат законите, а последиците и проблемите ќе бидат поголеми, особено при зашишувањето на факултет”-вели Новковски. МОН:Единиците остануваат во свидетелствата! Од Министерството за образование и наука велат дека оценките од екстерното тестирање се впишуваат во свидетелствата на учениците во посебна графа и тие влијаат на општиот успех. Без оценките од екстерното тестирање, ученикот не може да го добие свидетелството како потврда за завршена година. Од таму одлуките и негативните оценки ги правдаат со законската регулатива за основно и средно образование и според нив не е воопшто спорно единицата да стои во свидетелствата: Член 65 од Закон за основно образование - “Општиот успех на ученикот се утврдува врз основа на годишните оценки од сите предмети според наставниот план на крајот на годината и оценките од екстерното проверување на постигањата на успехот на ученикот, а за учениците упатени на поправен испит по завршувањето на поправните испити.“ Член 46 од Законот за средно образование - „Општиот успех на ученикот се утврдува врз основа на годишните оценки од сите задолжителни предмети на крајот на годината и оценките од екстерното проверување на постигањата на успехот на ученикот, а за учениците упатени на поправен испит по завршувањето на поправните испити”- велат од МОН. Екстерното тестирање на матурантите и за сите ученици од завршните години во средните училишта заврши. На наставниците кои требаа по оваа основа да бидат казнети или наградени, агонијата им е одложена за некој месец. Според дел од експертите, Антикорупциската комисија, покривајќи го неуспехот на овој проект, донесе одлука да не ги разгневи и онака лутите наставници пред изборите. А потоа, се по старо! Најголемиот проблем го лоцираат во фактот што наставниците прилагодувајќи се кон системот на казни и гледајќи да ја заштитат својата егзистенција, нема да стимулираат учење поради занење, туку поради оценка и дека особено внимаваат во давањето на ниски или високи оценки. Има и изјави кои сведочат дека многумина од нив решаваат да даваат средни оценки, кои не се одраз на вистинските знаења на учениците, но кои ги позиционираат наставниците во некои граници на сигурност. Ова за експертите е штетно за квалитетот на образовниот процес, а најмалку го унапредува истиот, бидејќи наставниците и учениците треба својата енергија да ја фокусираат кон нови, современи концепти на учење кои се одамна стварност во развиените земји, а не кон деструктивни и ретроградни процеси од кои, на крајот, сите актери во процесот остануваат оштетени. С.Б.