Добивај вести на Viber
Денеска се навршува точно една година откако Народна банка на Македонија и ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банката на бизнисменот Трифун Костовски и неговиот син Коста.
Како официјална причина за одземање на дозволата на 12 август 2020 година беше наведена недоволната капитализација на банката, поради што НБМ објави дека морала да ги почитува законите и да и ја одземе нејзината лиценца.
Потоа банката отиде во стечај, а доверителите уште не се намирени од стечајната маса, или барем за тоа никогаш не извести стечајниот управник на банката Душко Тодевски, кој ниту еднаш не излезе во јавноста да информира за детали од постапката.
Штедачите кои имаа влогови до 30 илјади евра беа обештетени преку Фондот за осигурување депозити, за што се исплати сума од над 50 милиони евра.
Додека, пак, многу поголеми суми имале штедачи и фирми кои работеле преку Еуростандард банка, и нивните пари останаа заглавени во банката.
Поранешниот сопственик на банката, Трифун Костовски денеска се огласи на фејсбук по тој повод. Вели, нема пари, нема банка, нема виновници, и смета, како што повеќе пати досега кажува, дека е организиран криминал.
„Парастос...
Една година од упокојувањето на Еуростандард банка! Виновници? Нема... Парите? Сеуште ги нема! Оштетените и ние акционерите? Сме сеуште тука... Банката? Ја нема! Дали има виновни? Да, организираниот криминал! Стоп за криминалот!“, пишува бизнисменот Костовски на својот фејсбук профил.