16 Мај, 2024
0.0283

Економскиот тим по инвестиции во Индија, домашните бизнисмени лути на Владата?!

Објавено во: Анализа 28 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Министерскиот двоец Наумоф-Ивановски заедно со директорот на Слободните економски зони втор ден во Индија – ги претставуваат инвестициските можности и поволности на Македонија. Се очекуваат директни контакти со компании од ИТ секторот. Според информациите, при постетата на Индија, која е наменска за конференцијата организирана од Конфедерацијата на Индиската Индустрија, не се планирани средби со претставници на “Сахара Груп“, компанијата на бизнисменот Субрата Рој. Што ќе донесе тридневната посета на Индија, допрва ќе се анализира, во меѓувреме, домашната бизнис заедница смета дека време е владата да размисли за можно менување на сегашниот концепт на стимулација на странските инвеститори на сметка на домашните. Домашните инвеститори лути, странските – задоволни! Странските инвеститори кои веќе отворија индустрии во Слободните економски зони најавија дека ќе пишуваат “Бела Книга“ во која ќе ги сублимираат искуствата и оценките од досегашното работење во земјава. Иако посочија дека се задоволни од својата позиција и третман во Македонија, сепак упатија порака до владата дека теба да има подобрување во некои сегменти. Домашните инвеститори пак не отстапуваат од ставот дека Слободните економски зони, кои важат за бесцарински територии, ослободени од давачки и придонеси по различни основи, треба да се отворат и за домашниот капитал.
 “Јасно е дека сега имаме состојба на дискриминација на домашниот бизнис кога зборуваме за Слободните економски зони. Тетовската зона е прва која функционира по принципот на јавно-приватно партнерство и затоа сметам дека таа треба да се отвори и за влез на домашни компании“ – изјави за “Фактор“ Мендерес Кучи, прв човек на Стопанската комора на северозападна Македонија.
Поволностите што Македонија ги нуди преку Слободните економски зони се клучниот владин адут кога преговара со инвеститорите. Во технолошко-индустриските развојни зони „Скопје 1“ и „Скопје 2“ познати како Бунарџик и во штипската зона сега работат седум странски брендови.Според најавите на владата оваа бројка  до 2015-та година треба да двојно да се зголеми. Вкупниот извоз кои странските инвеститори го оствариле лани изнесува 760 милиони евра.
“Бенефициите за странските инвеститори се оние кои тие ексклузивно ги добиваат, додека евтина работна сила и даночни поволности се олеснувања кои важат за сите, и странски и домашни инвеститори. Во поглед на извозот и увозот, евидентно е дека т.н. додадена вредност во нашата економија се сведува само на додадената работна рака. Тоа и не е толку лошо, имајќи предвид дека тие фабрики ќе го вработат контингентот на невработена работна сила во нашата економија“ – објаснува професорот Марјан Петрески и додава: “Меѓутоа, прашањето е зошто не се привлекуваат странски инвеститори во дејности кои може да ги опслужува домашната економија, а такви се прехранбената, млечната, конзервната, металопреработувачката индустрија. Такви странски инвеститори би оствариле поцврсто поврзување со домашната економија и ефектот за неа би бил повеќекратен. Тоа е моделот по којшто се разви Ирска. Зошто тоа не е така кај нас – не знам. Ние веројатно сакаме да ги прескокнуваме фазите на развојот, па веднаш сакаме да отидеме на висока технологија. Но, тоа има своја цена, која за почеток ќе биде малата додадена вредност што тие фабрики ќе ја создаваат во Македонија. И, мислам дека таа цена е поголема од аргументацијата дека овие нови фабрики ќе донесат know-how, организациски модели, лидерски вештини. Што ќе ни е висока технологија не знаеме како да ја користиме или ако ни треба многу време за да научиме?“ – вели Петрески.
Колку изнесува вкупната државна поддршка што странските компании ја добиваат преку субвенции, придонеси, плати, царински ослободувања – останува тајна. Последниот ревизорски извештај за Агенцијата за привелкување странски инвестиции обелодени низа неправилности, од нетранспарентно трошење на пари, до против законско профитирање на една од странските компании што работи во слободните зони а продава на македонскиот пазар, споротивно на правилата. Кои инвестиции се очекуваат годинава? Според буџетските проекции, годинава е планиран раст на Бруто инвестициите за 7,5%. Удел во растот се очекува да имаат странските инвестиции и капиталните инвестиции, финансирани со државни пари. Дел од функционерите во Владата најавија дека годинава може да се очекуваат 20 нови странски компании а како потенцијални сектори се посочуваат  автомобилската, прехранбената индустрија, земјоделството.  Промоцијата на Македонија – како потенцијална инвестициска дестинација продолжи и во првиот месец од оваа година. Министерскиот двоец Наумоф-Ивановски заедно со директорот на Слободните економски зони втор ден во Индија – ги претставуваат инвестициските можности и поволности на Македонија.
“Присуствуваме на конференција организирана од Конфедерацијата на Индиската Индустрија со поддршка на Владата на Индија.  Присутни се претставници од целиот свет овде во градот Бангалор, кој се смета за центар на ИТ индустријата. Главен таргет се индиските компании токму ИТ секоторот како и други индустрии чии потенцијал е насочен кон излез од Индија кон европските пазари. На конференцијата има и претставници на европски економии“ – изјави за “Фактор“ Виктор Мизо, директор на Агенцијата за слободни економски зони.
Во Индија не се планирани средби со претставници на компанијата “Сахара Груп“, компанијата на  бизнисменот Субрата Рој, кој е под истрага за маверзации и измама, а во Македонија најави инвестициски циклус. Дел од самитот во Индија се околу 1000 компании од светот. Според министерот Наумоф, самитот нуди можности компаниите да создадат нови бизнис соработки и е одлична прилика да се презентира Република Македонија. На маргините на самитот планирано е министрите Наумоф и Ивановски да одржат повеќе директни средби со меѓународни компании, а една од позначајните е средбата со висок претставник на менаџментот на компанијата „Mindtree“, која нуди глобални информатички решенија. Компанијата е стратешки партнер на повеќе од 40 компании од „Fortune 500“ и остварува приход од околу 435 милиони долари. Од почетокот на годинава, Џонсон Контролс ја пушти својата втора фабрика во слободната зона во Штип, инвестиција проценета на 20 милиони евра и со план за вработување на 1 400 луѓе. Во штипската технолошка зона се очекува и хрватската компанија Кумал, производител на термоизолациски материјали кои се користат во градежништвото. Инвестицијата е вредна седум милиони евра, а според планот во погонот ќе работат 50 луѓе. Од досега најавените инвестиции е и онаа на турски Менсан кој наесен треба да ги удри темелите на својата фабрика во Бунарџик. Турците планираат да инвестираат пет милиони евра и да вработат 100 луѓе а производство ќе биде насочено кон дискови за сопирачки. Заклучно со октомври, според Народната Банка на Македонија сладото на странски директни инвестиции изнесува 208,8 милиони евра. А.Д.