Ердоган вели дека Турците донеле историска одлука
Објавено во: Македонија 17 Април, 2017
Турскиот претседател, Реџерп Таип Ердоган прогласи победа на референдумoт кој ќе му овозможи зголемување на неговите надлежности и со кој ќе може да се задржи на функцијата се до 2029 година.
Според Ердоган, турскиот народ донел историска одлука.
Со уставните промени, за кои поддржувачите на Ердоган велат дека ќе ја модернизира државата, ќе го заменат парламентарниот со претседателски систем.
Според првичните неофицијални резултати од преброени 99% од гласовите, за поддршка на уставните измени гласаа 51,3% од турските избирачи, а одзивот на референдумот изнесувал 86%.
„Овие уставни реформи не се обична промена. Ова е нешто поинакво и е многу, многу значајно. Ова е прв пат во историјата на Турција, парламентот и граѓаните да одлучуваат за вака значајна промена“ - изјави Ердоган.
Според Ердоган, најмалку 25 милиони гласачи одговориле со да за референдумот и дека таквата одлука сега ја затвора вратата на долгата историја на воено мешање во Владата на Турција. Во говорот пред своите приврзаници, турскиот претседател нагласи и дека доколку е неопходно, Турција може да го стави на референдум и прашањето за враќање на смртната казна.
Главната опозициска партија во Турција најави дека ќе побара пребројување на 60% од гласачките ливчиња, изјави Булент Тезкант заменик-претседател на Народно - републиканската партија. Оттаму велат дека при спроведувањето на референдумот биле извршени незаконски активности.
„Изборната комисија ги промени правиклата откако започна гласањето. Изборниот закон е јасен и во него се вели дека гласачките ливчиња на коуи нема печат треба да се сметаат за неважечки“ - изјави Булент Тезкант.
Жителите на Турција со поделени мислења. За едни, Ердоган е херој, другите пак велат дека ги очекува тежок период.
Новиот систем треба да стапи на сила од ноември 2019 година, кога во исто време ќе се одржат претседателските и парламентарни избори.