03 Мај, 2024
0.1864

Европа стравува дека ќе продолжи економската агонија, Македонија билда оптимизам?!

Објавено во: Анализа 11 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

Потегот на Европската Централна Банка да ја намали основната каматна стапка на историски минимум, покажува дека постојат извесни стравувања дека економијата не напредува со посакуваното темпо, односно дека заздравувањето е побавно од очекуваното оценуваат економистите. Потегот на ЕЦБ укажува дека се уште побарувачката е на ниско ниво, што притиска кон намалување на цените односно води кон дефлација.
„Со оглед на периодот на ефектуирање на монетарната политика од година до година и пол, овој потег покажува дека во таа временска рамка, ЕЦБ не очекува значајни нагорни поместувања на економската активност кои би ги притиснале цените нагоре, туку напротив, ризиците врз порастот на цените се оценуваат како главно надолни, поради недоволната побарувачка. Со други зборови, овој потег укажува дека надолните ризици во европската економија се и понатаму значајно присутни и политиките мора да го задржат своето т.н. акомодативно озиционирање. Но, интересно е што со овој потег ЕЦБ се доближува до нултата долна граница, после која овој инструмент за рефинансирање ја губи својата моќ и ќе треба да се премине на неконвенционални мерки (како што е квантитативното олеснување), ако во тој момент се процени дека е потребно понатамошно релаксирање на кредитните услови, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Економските параметри треба во континуитет да се следат и врз основа на тоа да се превземаат соодветни потези, но ризиците се присутни.
„Ако ме прашувате за тоа дали со ваквиот потег ЕЦБ може да ја „иссили“ европската економија и да предизвика забрзан раст на цените на среден рок, мислам дека засега ризик не постои, меѓутоа условите на финансиските пазари и во економијата треба да бидат под константен мониторинг и промени во инструментариумот на монетарната политика да се преземаат како што потребите за тоа се појавуваат, додава Петрески.
Во октомври, инфлацијата во еврозоната падна од 1,1 на 0,7 проценти и предизвика непријатности, бидејќи ниска инфлација е лоша за економијата исто како и високата. ЕЦБ на крајот на минатата недела донесе одлука да ја намали основната каматна стапка за 25 базични поени, на рекордно ниско ниво од 0,25% . По оваа одлука на Европската Централна Банка и останува само четвртина процентен поен намалување на каматата пред да стигне до нула, што ја засилува веројатноста од нетрадиционални алатки како квантитативно олеснување или негативни камати на депозитите ако инфлацијата се забави уште повеќе. НБРМ – со оптимистички проекции за раст на економијата Најновите предвидувања на Народна Банка на Македонија за повисокиот раст на БДП се резултат на добрите придвижувања во економијата годинава смета премиерот Никола Груевски. Според него, позитивните раздвижувања, ја изненадија и Централната банка, ММФ и други меѓународни институции. Сега, вели тој, сите вршат одредени поместувања на проекциите кон повисоко зашто досегашните предвидувања се реализираа повеќе од очекуваното.
„Во првите два квартала растот е околу 3,3 отсто што укажува дека трендот е подобар, економијата доживеа побрзо раздвижување и анимирање. Иако ризици се уште постојат поради актуелната европска должничка криза, перспективите за Македонија се подобри и од тој аспект Централната банка ја изврши корекцијата“, истакна Груевски.
Годинава БДП ќе разрши со 3,3 отсто раст, а догодина со 3,7 проценти. Тоа се последните ревидирани проекции на Народната банка. Оттаму прогнозираат дека растот на македонската економија во 2015 ќе достигне до 4,4 проценти, а како главни носители за ова ќе бидат извозниот сектор, инвестициите, но и очекуваното зголемено кредитирање.
„Економскиот раст е ревидиран нагоре. Наместо 2,3 проценти, ревидираната стапка е 3,3 проценти. За наредната година очекуваме засилување и наместо 3,1 проценти растот да биде 3,7 проценти, а во 2015 година очекуваме посилен раст од 4,4 проценти“, изјави гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, минатата недела.
Инфлацијата ќе се стабилизира на 2,3 отсто во 2014, но на ова ќе притискаат цените на храната. Сепак се најавува продлабочување на трговскиот дефицит. Оптимистичките прогнози се темелат на подобрите остварувања во првата половина од годинава, извозот од новите странски и јавни инвестиции, но и од придвижувањето на личната потрошувачка. За следната година се очекува странските директни инвестиции да изнесуваат 330 милиони евра или 4 проценти од БДП. Сепак, појаснуваат од НБРМ, ризиците однадвор се сеуште присутни па состојбите ќе зависат и од европските и светски трендови. С.Н.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад